Со големо разочарување и неверување ја примив веста за мое формално исклучување од партијата. Знаејќи дека е невистина обвинувањето заради кое сум исклучен од партијата, одлучив да оставам да поминат неколку дена за сите членови да видат дека раководството нема да извади и да презентира ниту еден, повторувам НИТУ ЕДЕН доказ против мене. Лагите кои ми беа накалемени, беа фабрикувани заради личен интерес. Некој кому не му оди прифаќањето од јавноста, градеше сопствен рејтинг врз мојот „грб“, на сметка на мојата чест, углед и достоинство, во отворено писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, напиша ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
„Затоа сега уште еднаш со индигнација ги отфрлам лажните обвинувања фрлени врз мене од луѓето кои до вчера се потпираа на мојот труд, резултати и авторитет.
Oткако поминаа неколку дена без да биде презентиран барем еден доказ пред членството и јавноста за тврдењата против мене, јавно те повикувам за обвинувањата заради кои бев формално исклучен од партијата, да презентираш докази пред органите на партијата и јавноста. Наместо кукавички да се подметнуваат лажни обвинувања, покажи ги Христијане доказите дека јас некого со сила сум го терал нешто да прави или сум се обидувал да го поткупам. Ајде!!!
Во спротивно вештачкото и со лажни аргументи создавање еуфорија против мене, презентирано како „Панорама 2“ нема никако поинаку да се разбере отколку како обично, подмолно, егоистично барање виновник и алиби за серија твои грешки и на раководството на партијата. Сами измисливте „Панорама 2“. Без противник. Се боревте против дух, бидејки немаше противник, а противник немаше бидејки таков не постоеше. Самите го лажевте членството преку социјалните мрежи и медиумите блиски до партијата, дека јас сум подготвувал некаков пуч, дека ќе следело „Панорама 2“, и дека или вие или јас ќе сум победел. На почетокот мислев дека сето тоа е некаква шега, но сега гледам дека некои болни умови смислиле план што не би го смислило ни дете од 10 години.
Ако ти и неколкумина твои соработници мислите дека со мое исклучување и јавно оцрнување ќе добиете доверба на граѓаните, сакам исто така јавно да ти кажам дека сте на погрешен пат, како што сте на погрешен пат со многу други политички одлуки и чекори, за кои и самите сте свесни, нешто што го знам од личната комуникација со повеќемина од раководството.
За жал, времето ќе го докаже тоа.
Тој што ви кажал дека со вештачко правење на т.н. „Панорама 2“ , со лажни аргументи, со невешто смислено „филмско сценарио“ за наводен план за пуч и наводно пресретнување на пучот, прикажувајки некаква измислена победа против измислен противник, креаторот на овој „бурлески план“ мора да е сериозно залутан во политиката.
Без елементарни докази, верувајки дека така ќе се повтори успехот од 2006-тата, креаторот на овој филм заборавил да ви каже дека за тоа, пред се треба да имате чесен однос меѓу самите себе во раководството на партијата , наместо еден со друг да си се лажете, да си се оговарате, да си правите интриги и да сте неискрени. Потоа потребен е чесен однос кон членството кое го заслужува тоа, и секако чесен однос кон македонскиот народ и граѓаните на Македонија, наместо дволични игри, кои народот ги чуствува и препознава.
Затоа Христијане те повикувам да одговориш на неколку прашања:
1. Зошто ако сакаше да го одбраниш името, не застана цврсто зад таа кауза, со масовно и секојдневно организирање мирни протести на кои ќе ги поведеше илјадниците мотивирани граѓани и членови на партијата?
Приказната дека некој ќе ги злоупотребел протестите за да те намести и да се повтори „27ми април“ ептен не држи. Тоа е кукавичка приказна на луѓе кои се плашат да се соочат со сопствените вредности и сопствената поддршка.
По таа теорија ВМРО не треба веќе никогаш кога е во опозиција да организира протести. Ако некој мисли дека има смисла оваа теорија, нека се запраша зошто митингот од 2-ри јуни или неколкуте т.н маршови во различни градови низ Македонија не се претворија во 27-ми април?
Пред јас да почнам да говорам, те повикувам да одговориш, кому ти како претседател на партијата му се додворуваше, и кому му имаше ветено дека масовни и секојдневни протести за името нема да има и дека ВМРО нема да го блокира процесот за решавање на името, туку само ќе изразува несогласувањe?
2. Кога сите знаевме дека убедливо поголем дел од граѓаните на Македонија се против договорот со Грција, зошто oткако се потпиша договорот, не го повика народот на одлучно гласање „против“ и со тоа да се оствари силна победа над оние што беа „за“? Со таква победа на народот, ќе се оневозможеше и ќе станеше безсмислен понатамошниот притисок врз пратениците на ВМРО, кој притисок беше предвидлив и ти знаеше дека ќе се случи. Со таква блескава и чиста победа на „против“ над „за“ не СДСМ, туку ВМРО ќе беше во ситуација да бара нови избори наместо да бара виновници за неуспесите и грешките на претседателот на партијата.
3. Ако ти веруваше во тоа, односно знаеше како што тврдиш дека власта ги апси луѓето со политички монтирани обвиненија за 27ми април и за случаи конструирани од СЈО, со крајна цел да ги уцени пратениците и нивните семејства за двотретинско мнозинство, зошто барем еднаш јавно не побара од претседателот Иванов да ги заштити за да не се предмет на уцена ? Со тоа ќе се овозможеше заштитените пратеници да го одбранат името во парламентот. Наместо тоа им кажуваше на пратениците и другите под политички прогон дека кога ќе дојде ВМРО на власт тогаш ќе им помогне. Без трошка совест, твоите луѓе од врвот на партијата сите нив ги нарекуваа „инфицираните“.
Зошто раководството медиумски бегаше од темата „политички прогон“ се до неодамна кога и некои членови на актуелното раководство се нападнати со прогонот? Дали се калкулираше со предвидливоста на настаните кои доаѓаа?
Кој и како издејствува, ти Христијан кој беше ставен во предистражната постапка за предметот Талир, поврзан со финасирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата?
Дали ти не се испазари за самиот себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име?
Зошто веднаш по твојот избор за нов претседател запреа секојдневните протести пред министерството за правда пред затворот Скопје каде беа притворени десетици лица со фабрикувано обвинение за тероризам? Зошто? И зошто потоа со месеци не ја отвораа таа тема во јавноста?
4. Зошто цели 3 месеци по објавувањето и потпишувањето на договорот со Грција, ти немаше никаков став како ќе се постапи на референдумот, и остави огромен простор други помали партии, групи, поединци и којзнае чии скриени експоненти да го водат членството во бојкот, а однапред СДСМ кажа дека по истиот одлуката ќе ја пренесе на решавање кај пратениците? Еден прилично предвидлив процес.
5. Дали ти интимно посакуваше да се смени името, а притоа вината да се фрли врз прогонетите пратеници а потоа да излезеш „чист“ од целата ситуација, среќен дека друг ти го решил и тргнал проблемот со името и си ја понел вината со себе?
Дали сакаше да дојдеш на власт со веќе решено име, а виновници за тоа да се СДСМ и неколку политички прогонети пратеници на ВМРО, а ти да си „патриотот“? Дали за ова отворено со недели не зборувавте низ канцелариите во ВМРО?
Дали ти играше крајно валкано и нечесно со чувствата на нашето членство, чуствата на македонскиот народ и со судбините на жртвите од СЈО и 27ми?
6. Зошто Христијане во партијата на меѓусебни средби поврзани со решавањето на името говореше едно, а во јавноста друго, се до неодамна, кога пред повеќе недели нагло ја прекина комуникацијата со мене и по трет пат заради лични интереси го смени курсот во многу полоша насока за државата ? За личните мотиви за оваа промена на курсот и катастрофалните последици по Македонија и ВМРО ќе зборуваме дополнително.
Дали е во ред, некои свои соработници пред неколку недели да ги охрабруваш да убедат 8 пратеници да гласаат „за“ со цел да се решело прашањето ама ти да не си бил крив, а плус да глумиш храбар лидер кој бара предвремени избори фалејки се со сомнителни анкети кои ги добиваш од агенција од друга држава?
7. За крај, бидејки мене ми се префрла дека сум бил свртен кон материјалниот интерес, а не кон партијата и идеологијата, јас кој и пред и по државната функција живеам работејки во приватниот бизнис,, сакам да те прашам: додека јас кој веќе до 2006-тата бев заработил доволно пари за мирен и безгрижен живот, додека јас „ја ставав главата во торба“ во еден куп полициски операции за неутрализирање на терористички и криминални групи кои дејствуваа против безбедноста и теритојалниот интегритет на Македонија и го загрозуваа нејзиниот опстанок, и заради кои операции целиот мој живот ќе го живеам во опасност од лични одмазди, а со кои акции се креваше рејтингот на ВМРО, како тоа ти како професор со 500 евра плата успеа да дојдеш до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО?
Колку што јас знам, професори на факултет има многу, но само еден професор во Македонија, кој претходно немал сопствен бизнис, има милионски вредни хидроцентрaли кои носат милионски заработки во евра, а сето тоа без никаков ангажман, само врз основa на добиената концесија доделена од владата на ВМРО?
Зошто имате потреба да лажете за да ме оцрните?
Зошто лажете дека сум се заканувал на Крсто Муковски и на другите пратеници?
Зошто лажете дека сум дал пари на пратениците?
Зошто лажете дека по гласањето во парламентот сум бил на некаква прослава на СДСМ?
Зошто вие како раководство и ти Христијан како претседател ги остави на цедило и Крсто и другите пратеници удобно чекајки во фотељата за на нивен грб да станеш премиер со лаги и интриги, со ароганција и нечесни валкани игри?
И сега ви треба виновник?
Го лажевте ЦК?
Зошто не ме викнавте и мене таму, па да се соочиме пред тие 150 луѓе, и да ја чуевте вистината?
Да им кажам јас ним, што ти Христијан ми говореше во ноември и декември лани околу решавањето на уставното име, но и во текот на оваа година, па нека оценат кој е предавникот и криминалецот, а кој патриот и чесен кон својот народ. Да слушнат малку за твојата дволичност и двоен морал.
Со лаги и интриги, со местење на други луѓе од партијата да ви се жртви за да вие дојдете на власт, нема да успеете. Така само ќе ја урнисате и партијата и Македонија.
Многу жалам заради тоа. Бидејки јас сум во ВМРО уште кога некој од Вас беа во пелени како на пример Александар кој го пуштивте да Ви е гласноговорник, и кој деновиве ќе добие од мене тужба за клевета и навреда, па најпрвин со него ќе се видиме на суд. Нека докаже дека сум го правел тоа за што лажно ме обвини. Барем да имаше храброст ти да го кaжеше тоа, а не да пушташ други.
Многу жалам што со ваков карактер и капацитет ќе ја урнисате партијата која многу чесни патриоти макотрпно ја градеа додека некои од Вас беа во ЛДП, а други во ДП на Гошев, и плукаа по нас вмровците дека сме биле необразовани, прости и неизбањати.
Го излажавте и ЦК, и ОК Центар и целата држава и народ.
И не само за ова. Генерално земено нечесно се однесувате и делувате, народот тоа го чуствува. затоа година и пол со ваков СДСМ, во услови кога го менуваат името и уставот, ВМРО не може ни да се изедначи на анкетите на јавносто мислење и доверба.
Бидејки и покрај катастрофалните грешки на СДСМ, народот не ти верува Христијан. Ти чита од очите дека многу лажеш. Ако не се промениш, не е проблем што ти нема да станеш Премиер, туку што ВМРО и Македонија ќе бидат губитници.
Луѓето кои ти ги постави во партијата се фрапирани од твоето лажење. Како си можел пред полна сала претседатели на комисии, пред неколку месеци да дадеш инструкција да подготвуваат програма, секој во својата област, кажувајки дека не мора се што ќе се вети да се спроведе, дел може да се вети, а да не се исполни. Тоа никогаш порано го немало во ВМРО. Твоите луѓе ти се чудат. Ако твоите луѓе не ти веруваат, како ќе ти веруваат останатите. Ако нив ги лажеш, што останало за останатите.
Запомни уште еднаш: со лаги и интриги не се освојува доверба на народ.
Засрами се Христијан!!! Засрами се!!! Те гледам, и тебе, и некои други чавчиња од раководството и партијата, и се потсетувам на онаа народната: „секоја чавка сонува да се испогани на главата на орелот кога ќе го види паднат“. Ме видовте силно нападнат од СДСМ, па тргнавте со лаги и интриги против мене да си го поправате нискиот рејтин и доверба.
Периодов што претстои народот и членството ќе го видат твоето лажно лице. Народот и членството ќе видат колку ти си бил засегнат за неменување на името и која е цената што ти би ја платил за одбрана на името. Народот ќе види дали ќе го бојкотираш собранието и дали ќе повикаш на протести и граѓанска непослушност . Дали ќе организираш филибастеринг(блокирање на собранието со амандмани) за да спречиш промена на Уставот или ќе дадеш налог да се дискутира неколку денови за да се стигне на време со агендата, а после повторно ќе глумиш патриот и виновни повторно ќе бидат пратениците што недоволно ја бранеле каузата ? Дури и Левица има храброст да повика и да излезе на протест, а каде си ти Христијане ?
Ти не си патриот каков што сакаш да се преставиш. Добро те запознав. Ти си ЛАЖЕН ПАТРИОТ!!! Времето ќе го докаже ова.
Да живее ВМРО!
Да живее Македонија!