Претседателот, Стево Пендаровски, во денешното обраќање пред нацијата рече дека на Самитот на лидерите на ЕУ, каде не беше постигнат консензус за отворање преговори со Македонија, биле предложени и идеи за поинаков пристап на Унијата кон Македонија и кон Албанија. Ова рече Пендаровски, не е во линија со суштината на Европската унија.
-Сите информации што ги имавме пред и за време на Самитот зборуваа за концепциски разлики меѓу носечките членки на ЕУ. Дел од тие забелешки се однесуваа на методологијата. Мојот став беше и остана дека предлозите за надградување на методологијата се добредојдени. Но во позадина на сите преговори можеа да се слушнат размислувања за градење посебен однос на ЕУ со државите од нашиот регион, различен од патот низ кој поминаа сите досегашни кандидати за членки. Почитувани, тие дилеми допираат до самата суштина на европската идеја. Сите држави на континетот, со исполнување на критериумите, имаат право на полноправно членство. Идејата за обединета Европа е право на сите Европејци и тоа никој не може да им го одземе – рече Пендаровски.
Тој посочи дека Македонија е европска држава и дека има право да биде дел од заедничкиот европски дом.
-Почитувани граѓани, нашата држава има искрени пријатели и сојузници во Европа. Ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави што имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно. Сведоци сме дека огромното мнозинство држави се бореа и се борат за нашите интереси како што се брат за сопствените национални интереси, нивната поддршка е искрена и без задршка. Сега е најважно ние сами уште еднаш да ги потврдиме нашите позиции во однос на евроаталанските аспирации кои немаат одржлива алтернатива. Членството во НАТО ќе се случи наскоро, а членството во ЕУ знаеме одамна дека нема да биде задача на само една Влада, еден парламент и еден претседател – додаде претседателот.
Пендаровски нагласи дека независно од заклучоците на Советот на ЕУ, Македонија мора да продолжи да ги спроведува договорите потпишани со Грција и Бугарија.
-Убеден сум дека ако го сакаме доброто на сопствената земја единствено исправно пристап е да бидеме уште порешителни во трансформацијата на нашето општество. Ние не треба да бидеме само формални членки на унијата туку реално да го усвоиме системот на вредности и да ги примениме во секојдневниот живот на граѓаните. Особео реформите во делот на функционирање на правната држава мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации, справувањето со организираниот криминал и високата крупција не се само услов за интеграциите тие се многу повеќе нужност за опстојување на одржлив правен поредок. Европските стандарди треба да станат домашни стандарди – порача Пендаровски.