Над 1000 лица ја потпишале онлајн петицијата за оставка на ДИК, односно на деветте членови на Државната изборна комисија, заради неетичко однесување и кршење на „Принципите за работа“ објавени на веб страницата на ДИК.
Покрај останатото, во ,,Принципите за работа,, објавени на страницата на ДИК, наведено е и следното – „Постојано вршиме само-евалуирање, затоа што сакаме постојано да ја унапредуваме нашата работа и секој нареден изборен циклус да биде подобар од претходниот. Притоа ја зголемуваме ефикасноста, ја спроведуваме работата со помалку напор, и ја зголемуваме ефективноста со што ги намалуваме трошоците за својата работа.“
-Платата на членовите на Државната изборна комисија (ДИК) се движи помеѓу 60.000 и 70.000 денари. Во изминатите 18 месеци, во три наврати, си доделиле вкупно 12 надоместоци и воопшто не ја информирале јавноста за тоа. Амбасадорот на САД го посочи ДИК како пример за корумпирана институција и нетранспарентно работење.
Државната изборна комисија има 9 членови (три од владеачкото мнозинство, три од опозицијата и три членови со заеднички договор на позиција и опозиција) – појаснето е во петицијата, каде се обjaвени и имињата на членовите, кои се во центарот на вниманието на јавноста изминативе неколку денови.
На социјалните мрежи веќе се појави и документ со кој наводно ДИК и се извинува на јавноста и дава оставка поради морални причини. Сепак, станува збор само за нечија шега, бидејќи досега никој од комисијата не најави дека размислува да си поднесе оставка од функцијата.