Иако, последниве петнаесетина дена временските прилики не беа многу поволни за планинарење, сепак битолските членови на планинарските друштва учествуваа во два мошне познати планинарски маршеви.
На првиот одржан по повод 8 Септември, денот на државноста на Македонија, точно 47 планинари учествуваа во маршот за искачување на највисокиот врв во државата Кораб. Како ретко кога друг пат условите за планинарењето, а со тоа и за искачување на врвот беа лоши, зашто речиси преку целиот ден, 7 септември постојано имаше магла или дожд. Понекогаш маглата беше толку густа што планинарите едвај во колона се движеа низ патеката, а подоцна поради дождот патеките станаа лизгави и особено за слегување мошне опасни.
Сепак искуството на повозрасните планинари го направи своето. Никој не се повреди, ниту почувствува потешкотии. На освојувањето на врвот му се радуваа помладите меѓу кои имаше и такви што на Кораб се искачија по прв пат.
Искачувањето и патувањето до караулата Стрезимир го организира ПСК Пелистер.
Во организација на Планинарското друштво “Ѓорги Наумов“ последниот викенд се организира марш до врвот Неолица, на кој како и на Кораб, не учествуваа толку планинари колку што се очекуваше, зашто дождливото време и маглата попречија повеќе планинари. Сепак, основно за двата марша е тоа што тие се организираа онака како што треба и сите планинари што учествуваа на нив останаа задоволни и покрај лошите временски услови.
П. Ставрев