Home / Вести / Почина големиот мајстор на боречките вештини и спортови Златко Неделковски

Почина големиот мајстор на боречките вештини и спортови Златко Неделковски

Почина големиот мајстор на боречките вештини и спортови Златко Неделковски. Веста за неговата смрт беше објавена на профилот на Академијата „ЗА НЕД ДО“.

„Почитувани пријатели – членови на Академијата за боречки вештини и спортови ЗА НЕД ДО и спортски соработници. Со жалење би сакале да Ве информираме дека денес 1-ви Ноември 2020 година во 15 часот престана да чука срцето на нашиот татко – учител и мајстор Златко Неделковски [1960 – 2020]. Профилот во деновите кои следат ќе премине во меморијален. Ви благодариме за Вашето сочувство и Вашите мисли се со нас како семејство и членови на Академијата за боречки вештини и спортови ЗА НЕД ДО кои половина век како спортски работник ги третираше како свои деца“. Биографија

Златко Неделковски – СиФу – мајстор во боречки вештини и спортови, своите почетоци ги има од својата 9 годишна возраст, и тоа првенствено со карате кое го практикува четири години. бидејќи во тоа време од страна на боречките вештини и спортови по препознатливи беа каратето, боксот, џудото и борењето. Меѓутоа на една случајна средба со наши иселеници од Австралија кои исто така практикуваа боречки вештини се соочува со фактот дека неговите познавања го прават понемоќен во борилиштето. Така ги открива Кунг Фу-то или поточно модифициран начин на Винг Чун кое што го практикуваше и легендарниот Брус Ли. Златко Неделковски на 18 годишна возраст заминува во Австралија каде продолжува да вежба (Џун Фан) или Џит Кун До.

При својот престој во Австралија се запознава и со Фул контакт Карате (името под кое своевремено за прв пат се појавува Кик Боксот). Истовремено ги комбинира Џит Кун До-то и Фул контактот затоа што целосно го исполнуваат како млад спортист за што говори и фактот дека набрзо станува шампион на австралиската држава Викторија во Фул контакт до 71 килограм.
Истовремено го изучува и Тај Чи Чуан – Јанг стилот како медитација во движење.

По враќањето во тогашната Федеративна Република Југославија кон почетокот на 80-тите години продолжува да ги практикува боречките вештини и спортови со мисија за нивна промоција низ републиките и во регионот.

Првенствено истото го прави како секција за да во 1985 година го основа и формира првиот Кунг Фу Клуб Битола во кој се практикуваат Џит Кун До вештината и Фул контактот како спорт. Негов личен успех е што во 1986 година во Сплит ( Хрватска ) го освојува првото место во тогашна СФРЈ во демонтрација со традиционално оружје со што станува шампион на Југославија. Во 1987 година станува и шампион на Југославија во Кунг Фу Бокс.

Со обврските кон своите ученици од активен натпреварувач преминува во категоријата мајтори ( учител ) со што последниот меч како борец го има 1989 година именуван и како борба со која ја става во мирување својата натпреварувачка мисија со што целосно му се посветува на работата со своите ученици и нивните успеси кои што понатаму следат и до ден денес.

Со осамостојувањето на Македонија, следната 1992 година го основа и формира Кунг Фу – Фул контакт Сојузот на Република Македонија во кој членуваат десетина клубови кои лично ги формира во периодот претходно. Истата година се одржува и Првиот Државен натпревар во Фул контакт кој се реализира во Битола. Следи период на масовна популаризација на овој контактен спорт со што и бројот на активни клубови – членки на Сојузот станува се поголем што резултира со препознавање како официјален член на WAKO светската организација како официјален претставник на новата држава за Кик Бокс. Златко Неделковски истата година воедно е именуван и за прв претседател на WAKO Macedonia.

Со репрезентацијата на WAKO Macedonia под негово водство беше учесник на многу регионални – Балкански – Европски и Светски натпревари. Така во 1996 година неговиот ученик Зоран Петковски на Европското првенство кое се одржува во Белград ( Сојузна Република Југославија ) го освојува второто место – сребрен медал во машка конкуренција во Лоу кик дисциплина кој е и првиот медал во машка конкуренција за WAKO Macedonia.
Златко Неделковски воедно е и огранизатор на професионални мечеви во Кик Бокс во Македонија и учесник на исти во други земји.

Во 2000 година ја основа Академијата за боречки вештини и спортови ЗА НЕД ДО која годинава бележи скромен јубилеј 20 години постоење. ЗА НЕ ДО станува бренд препознатлив во професионалниот свет на кик боксот од низа Светски федерации – организации – асоцијации и спортски совети како WPKA – ISDO – WFMC – WFMA …

Само во последните пет години Академијата ЗА НЕД ДО има освоени над 500 медали и титули од Балкански – Европски и Светски натпревари. Златко Неделковски воедно од 2000 година работи и на своја – национална боречка вештина која согласно светскиот регистер на боречки вештини носи интернационално име TFS ESD – Top Fighting System – Effective Self Defense за која во 2013 година добива признание од страна на Светската тренерска асоцијација за официјална 25-та по ред национална боречка вештина за која веднаш од светската огранизација WFMC добива и тест период за промотивни борби и начини на оценки и проценки во квалитетот на борбите и демонстрациите со крајна цел на светско ниво да има посебни мечеви и борби во TFS ESD.

За својот професионализам и долгогодишна работа во светот на боречките вештини и спортови со акцент на Кик Боксот во 2014 година во Умаг ( Хрватска ) на Светското првенство на WFMC – Светски совет за боречки вештини и спортови го препознава во титулата Кик Бокс Мајстор 8-ми дан додека во 2018 година е именуван и за Претседател на светската организација WFMC за регионот на Балканот во кој членуваат 14 земји кои географски припаѓаат во него.

Во своето долгогодишно делување како спортски работник реализира и низа општествени активности за добробитот на граѓаните преку низа семинари и обуки за самозаштита и заштита но и обуки на специјалните организации како Комората за обезбедување имоти и лица како и семинари на специјалните единици при безбедносните органи на државата.

Златко Неделковски во оваа мисија остварува и низа професионални видео и пишувани материјали. Во 2018 година и официјално станува легенда во боречките вештини и спортови со впишување на неговото име како татко на Кик Боксот во Македонија во првиот учебник за боречките спортови и вештини наменет за идните професионални спортисти (Факултет за физичко образование – спорт и здравје).

Неговиот тренерски и спортско учителски пат како боречките спортови и вештини имаат и коренити семејни вредности активно го продолжува неговата ќерка, Дијана Неделковска, за што е особено горд а која е официјален тренер во Академијата ЗА НЕД ДО а воедно и активен натпреварувач која е трикратен Светски шампион во апсолутна машко – женска категорија во екстремна самоодбрана на ниво на три светски организации и асоцијации а од родниот град три години по ред е препознаена како Спортист на годината.

Златко Неделковски освен што е препознаен со титулата Кик Бокс Мајстор 8-ми дан носител е и на титулата СиФу (учител) за Џит Кун До, Grandmaster за TFS – ESD, Карате Мајстор 1-ви дан и Мајстор во Кугф Фу Борба 5-ти дан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*