Слушајќи ги деновиве македонските политичари и гледајќи ги разбеснетите протестанти како се пресметуваат со полицијата и ги сквернават спомениците, кај мене постојано ми се наметнува мислата, во каква држава ние живееме.
Иронијата да биде поголема сите тие кои деновиве се на улица своето излегување го правдаат дека тоа го прават со цел да го заштитат уставниот поредок на државата.
Во “заштита“ на уставниот поредок деновиве тргнаа буквално сите и тие кои постојано истиот го рушат, а и тие кои истиот никогаш не само што не го почитувале, туку и не го есапеле.
Гледајќи ги сите тие настани, Македонија по се ми наликува на Подземна република.
Денес во Макеоднија протестираат сите и едните и другите.
Членовите на ВМРО-ДПМНЕ протестираат затоа што претседателот Иванов со одлуката за амнестија го аболирал “криминалецот“ Заев од кривично гонење, а опозиционата СДСМ затоа што истото тоа Иванов го направил со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и неговата потесна и поширока “фамилија“.
Да биде иронијата поголема сите сметаат дека се во право.
Тоа ме потсетува на времето кога лидерот на ДА, Васил Тупурковски кога ќе имаше протести и изразување на некакво незадоволство на сите им велеше дека се во право.
Иако беше избрана во македонскиот парламент како никој друг пред неа едногласно, со 111 гласови за и без ниту еден против и само до пред извесно време сите во Македонија, без исклучок беа за поддршка на СЈО и Катица Јанева денес сите се против неа и не ја признаваат.
Кога ја избираа, сите почнувајќи од Заев, Груевски, Ахмети, Тачи и претседателот Иванов за неа тврдеа дека е експерт и професионалец, а само малку подоцна Јанева испадна дека е неписмена, која факултетот наводно го завршила со скромни оценки, криминалец, која го крие имотот и која барала субвенции, ги криела становите, човек на ЦИА, на САД, на ЕУ.
Притоа никој од тие што сега ја напаѓаат не се прашуваат како кога ја бираа тоа не го знаеја.
Претседателот Иванов, кој сега ја изгуби довербата во Катица тогаш дури испрати специјален авион по неа во Црна Гора каде тогаш тој се наоѓаше да го потпише законот за нејзин избор.
Сега, токму таа Катица е политчки експонент на СДСМ, обвинителка која ги гони и бара притвори само за вмровците, а ги ослободува од притвор и ги амнестира “криминалците“ од СДСМ и нивниот лидер Зоран Заев.
Во нашата Подземна република Македонија сега не само Заев, туку сите од СДСМ се против амнестијата на Ѓорге Иванов, па дури и тие кои кога пред десетина години беше амнестиран сегаш-ниот лидер, а тогаш потпретседател на СДСМ Зоран Заев, аболицијата за него ја славеа како Голема победа за Македонија и како ден кога Македонија повторно ја огреало Сонцето на слободата.
Во зависност од тоа за кој се работи, сега за опозицијата, кога станува збор за Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Јанакиевски, Талески, сите се виновни, затоа што од тевтерчето на министерката Јанкуловска, сега се наоѓаат во тевтерчето на Катица Јанева. Сите тие се криминалци, арамии, луѓе кои буквално ја исцицале Македонија.
За тоа време, за власта сите тие се невини и со ништо не ја оштетиле државата. Напротив, тие цело време откако се на власт работеле во интерес на Македонија и подобро утре на граѓаните.
Криминалците кои треба да ги гони Катица Јанева, се Заев, Бранко Црвенковски, Верушевски, Чаушот…
За некаква презумција на невиност во моментот никој не зборува. Едноставно сите за другите бараат да им се суди по куса постапка.
Мудрите правници рекле Задоцнета правда е најголема неправда и подобро е 100 виновни да не бидат осудени, отколку еден невин да лежи в затвор.
Во изминатитеве години имало безброј случаи кога невини луѓе биле осудувани и лежеле во македонските казамати. За жал такви ги има и сега.
Тоа што најмногу загрижува е што тие кои се крстат во судството бараат судење по куса постапка и веднаш, по секоја поднесена кривична пријава и тој против кој пријавата е поднесена е виновен и треба да скапува в затвор.
За тие кои бараат такви судски процеси по куса постапка доколку се работи за нивни човек тогаш се повикуваат на презумцијата на невиност и бараат да се биде трпелив и да се чека судските органи да го направат тоа.
Како лидер на ТАТ и јас во “режимот“ на Бранко Црвенковски бев еден од тие кој по итна постапка и без никакви факти и докази бев обвинет и осуден.
Многумина тогаш се израдуваа на таквата пресуда, бидејќи помислија дека на тој начин ќе ме тргнат од водењето на штедачите.
Цели 5 години ми требаа да докажам дека сум невин. Толку години ми требаа и некои мои колеги новинари, кои се раскостија од пишување за мене да ги убедам дека судењето е од политички побуди дека сум лидер на ТАТ Но сето тоа беше залудно. Дури по 5 години, Обвини-телството се повлече од моето гонење.
За таквата постапка не добив ни денар обештетување, ни пак извинување, ни од обвинителството, ниту од судот, ниту пак од колегите новинари.
Изминатите години против мене имаше дури 14 кривични пријави за навдони клевети и навреди за тие кои пишував.
Иако сите предверме ме осудија, кога сите тие предмети ги добив никој не се сети барем да ми се извини.
Веднаш по изборите во 2002 година тогашната власт на СДСМ, со асистенција на некои битолски новинари и медиум по итна постапка го обвинија и осудија тогашниот генерален директор на РЕК Битола, Владо Сугаревски. Подоцна, по неколку години кога тој докажа дека е невин едноставно никој не собра храброст да му се извини.
Кога го затворија Душко млекарот, неговиот брат и татко, додека власта на ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека е дилер на дрога и криминалец, а СДСМ со излезе со тврдење дека апсењето на Душко е политичко, зошто се стави на чело на ограбените фармери. Тогаш се покажа дека Дуле е невин, што подоцна тој го докажа тоа. Тоа што и сега на битолското поле врие од канабис и што веќе никого не го интересира, е друго прашање.
Правдољубците во Битола, водени од своите политички определби, веднаш по апсењето го осудија екс директорот на “Сју Рајдер“ Благојче Илиевски дека наводно ја силовал една вработена. Тогаш од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на презумцијата на невиност велеа да се стрпиме и да почекаме да заврши судењето. Наспроти таквите барања, од СДСМ бараа Благојче Илиевски под итно да си даде оставка и да се осуди, зошто е насилник. Откако него го ослободија од кривичното дело за кое го товареа, политичките партии и гласноговрниците на таквите заложби заборавија на своите првични барања.
Вакви случаи во државата, а и во Битола има безброј. Сите овие години во македонските казамати со години лежат многу невини лица.
Тоа што во овој момент паѓа в очи е што такви ад хок пресуди и судења се бараат и сега. Наместо правосудсните органи да си ја врашат работата кај нас сега повторно обвинува и пресудува улицата. И тоа веднаш и по куса постапка.
Но покрај политичките партии главни виновници за ваквите случувања се самите правосудни органи. Обвинителите и судиите треба да се одважат што би рекле старите да судат ни по баба ни по стриковци, туку строго по закон. Само судиите, самите во еснафот можат да се изборат за својата независност и да ја вратат довербата на граѓаните во правосудството, кое е темел на секоја држава.
Доколку тие самите за тоа не се изборат, во тој случај никако не можеме да се надеваме дека Македонија ќе излезе од ваквата состојба, во која секој обвинува и пресудува во зависност од тоа чиј интерес и политики брани.
Менде Младеновски