Don't Miss
Home / Колумни / Попска филозофија

Попска филозофија

Старите и мудрите рекле. Не го прави тоа што  не сакаш другите тебе да ти го прават.

Иако од владеењето на  “Коалицијата за живот” на Зоран Заев, се изминати нешто повеќе од еден месец и по непишаното правило би требало на новата власт да и се остават барем 100 дена “тишина”за да може мирно да владее, опозиционата ВМРО ДПМНЕ уште на стартот од своето опозиционо дејствување жестоко распали по премиерот Заев и неговиот владин кабинет.

Да е човек неупатен во политичките (не)прилики во државата буквално кога ќе ги следи дискусиите на пратениците во парламентот нема да знае кој е власт, а  кој опозиција во Собраието.

Слушајќи ги деновиве некои пратеници на ВМРО ДПМНЕ како остро и без заобиколување ја критикуваат власта за класична партизација на државниот апарат, не можам  а да се изначудам како тие преку ноќ го сменија своето мислење и однесување.

Па само до пред еден месец истите тие луѓе воопшто уво не ги болеше кога тогашната опозиција предводена од Зоран Заев ги критикуваше политиките на Груевски дека тој со војата кадровска политика едноставо до коска ја партизира државата, во која единствен критериум за решавање на сите проблеми и напредувања во кариерата беше партиската книшка.

За нив во изминатите 11 години беше сосема нормално роднини, пријатели, соседи, први и втори братучеди, кумови, девери…  да  бидат именувани на раководни позиции, почнувајќи од министерски функции, па се до обични референти.

За ВМРО ДПМНЕ до пред извесно време беше сосема нормално првите братучеди на премиерот  Груевски да бидат  поставувани на најодговорните функции во државата, почнувајќи од Министерството за финансии, Царината, УБК, МВР, државните агенции, судовите, обвинтелствата.

Тогаш сите тие роднинско партиски кадри во јавноста беа прикажувани  како (нај)професионални и (нај)стручни.

За тоа време опозицијата предводена  од СДСМ тогаш цело време тврдеше дека Македонија е заробена партиска држава, во која сегашност и иднина има само за Фамилијата и партските послушници на ВМРО ДПМНЕ.

И на најнеупатените во политичките (не)прилики во државата им беше сосема јасно дека сите изминати 11 години Општинските комитети на ВМРО ДПМНЕ се претворија во агенции за вработување, а партиската книшка стана најдобрата  диплома и препорака.

Сега кога ВМРО ДПМНЕ е опозиција, а СДСМ власт и кога Заев почна да го комплетира својот владин тим, улогите и размислувањата  се сменија.

Сега за ВМРО ДПМНЕ Заев врши класична партизација на државните институции, а  СДСМ пак  уверува  дека на раководни места се поставуваат стручни и професионални кадри.

„СДС едно ветуваше на граѓаните пред изборите, а сега прави нешто сосем спротивно. Ветуваа професионално работење на институциите, а сега преку нивниот пратеник Курто Дудуш на граѓаните им порача дека може да се лекуваат, да имаат социјална помош, да се вработат, да стигнат до основните свои права само доколку имаат нивна партиска членска книшка.

Остварувањето на основните човекови права е столбот во едно општество и нивното остварување не треба да зависи од тоа дали некој е или не е член на СДС. СДС со ова прави дискриминација на граѓани од прв и втор ред. Сите оние кои не се членови на СДС значи дека не може да стигнат до основните права во државата. Повеке од еден месец како СДС е на власт, а министерствата и Владата на Република Македонија ги преполнија со некомпетентни партиски кадри и кадри на Сорос. Граѓаните на Република Македонија не сакаат и не заслужуваат партиска држава каде што членовите на СДС и некомпетентните и неискусни деструктивци ќе бидат привилегирани и плакани од буџетот кој го полни народот”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Човек не знае дали да се смее или да плачи.

Како, човек кој цели 37 години работи иста професија и на исто работно место,  никогаш не сум поддржувал партиски вработувања. Напротив  од секогаш сум се залагал за вработување на раководни места  на стручни и професионални кадри, кои со своите професионални и организациски способности ќе создадат можности за вработување на што поголем број невработени лица.

Чест на одредени исклучоци, но треба да се биди наивен па да се верува дека во сите изминати години зачленувањето во партиите беше од идеја. Напротив. Тоа беше најчесто заради вработување и решавање на својата  животна егзистенција и правење кариера, и пред се пари.

Но за ваквата партизација на државата  сега да зборува ВМРО ДПМНЕ е најблаго речено непримерно.

Со ова не сакам да ја амнестирам власта од  појавата што веднаш побрза  на раководни места да ги вдоми своите партиски кадри и истите да ги прикаже како (нај)стручни и (нај)професионални.

Но едно треба на сите да ни биде јасно, а тоа е дека не  е грев во државните институции да се вработуваат и партиски кадри, но приоритет при тоа треба да имаат само стручните и квалификуваните кадри. За тие што не ги бива има други работни места.

Ниту може ниту смее да се води сметка само за своите и тие да ја уживаат привилегијата да работаат во државната  администрација.

Во приватниот сектор има постојано отворени конкурси за прием на работливи  работници.

Но за жал такви во последно време ги има се помалку.

Работливите и стручните непартиски кадри, својата егзистенција  веќе одамна не ја гледаат  во Македонија и ја напуштија државата, иселувајќи се во државите каде што наместо партиската лојалност се бара знаење и работа.

На крајот еден совет за загрижените пратеници на ВМРО ДПМНЕ.

Не брзајте, оладете малку. Оставете му барем 100 дена на новата власт да покаже што знае и умее. Има време за критики.

Но пред да критикувате барем пред себеси признајте си го тоа што сега го глаголите, дека партизацијата на државата вие ја имавте подигнато на научна основа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*