Заврши втората фаза од уставните измени. Пратениците во експресна расправа од само три дена ги изгласаа сите четири нацрт-амандмани што ги предложи Владата согласно Договорот од Преспа.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против нацрт-амандманите, додека пак, 8-мината од независната група од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за три нацрт-амандмани гласаше воздржано.
Дискусиите ги водеја главно пратениците на опозицијата, оние од власта се откажаа од правото на говор и само повремено реплицираа. По четвртиот нацрт-амандман главно говореа од независната пратеничка група бидејки во него се содржи нивниот предлог за гаранции околу македонскиот идентитет.
Во расправата во третиот-нацрт амандман кој се однесува на неменување на границите и немешање во внатрешните работи на соседите, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа реципроцитет на ваква одредба во грчкиот Устав.
По втората фаза ќе следи пет дена јавна дускусија, а нацрт- амандманите се враќаат во владата на доработка за да се добие нивната конечна предлог-верзија.
Во оваа меѓуфаза народните избраници ќе можат да поднесуваат и амандмани на предлог-амандманите.
Последната расправа и гласање на Уставните измени се планира за средината на јануари кога ќе биде потребна поддршка од најмалку 80 пратеници.