Можеби ќе звучи иронично, или саркастично, но за жал така е.
Во Македонија се случи тоа што сите оние кои не гледаа перспектива во оваа држава, цело време пред да ја напуштат Македонија, тврдеа дека во оваа држава повеќе нема леб.
Тие што не веруваа во таквите приказни и кои тврдеа дека тоа е уште една шега на Цацко од К 15, кој во една од своите епизоди,пред да си замини во Австралија во форма на виц рече дека во оваа држава нема леб повеќе.
Деновиве се случи и тоа.
Граѓаните на Македонија останаа без леб.
Овој пат немањето на леб во продавниците не се случи само поради економската криза, со која ние одмна навикнавме да живееме, туку поради решеноста на фурнаџиите да не го продаваат лебот по замрзната цена од Владата од “ само “ 33 денари.
Незадоволни од таквата одлука на Владата, производителите на леб одлучија да не месат повеќе леб и брашното да си го чуваат за други времиња.
И како што е вообичаено кај нас по кавгата на Владата со производителите и трговците цехот повторно го плати народот, па така и овој пат народот остана без леб.
“Фурнаџиите” не само што се заканија дека ќе го остават народот без леб, туку таквата закана и ја реализираа и прекинаа да доставуваат леб во продавниците.
Неколку дена граѓаните на Битола беа оставени без лебот насушен, без кој кај нас не може да се замисли ни една македонска трпеза.
Знаејќи дека нашите граѓани кај нас одамна научија да живеат без месо и без други(скапи) артикли, кои во меѓувреме поскапуваат речиси секој ден, но никако без леб, производителите на леб и трговците се здружија и одлучија да го остават народот без корка сува леб.
Иминатите денови Битола наликуваше како во раните осумдесети години, кога по распадот на Југославија и смртта на Тито,пред продавниците за леб на # Жито Битола # се чекаше за црн леб од раните утрински часови, бидејки беше знатно поевтин од белиот.
За тие кои заборавиле, а и за денешната генерација млади луѓе да кажеме дека тие години црниот леб во Битола се бараше како суво злато.
Истото се случуваше и со немањето шеќер, кафе, масло за јадење, прашок за перење, бензин…
Деновиве повторногледавме такви слики кога битолчани во реддици чекаа пред некои продавници да купат поевтин леб од Кичево, Кривогаштани, Прилеп…
Со цел да го обезбеди народот со бел и црн леб, по пристојна и замрзната цена од 33 денари, Владата на Македонија повлече според фурнаџиите популистички потег и им се закани ним дека или ќе месат леб за народот, или ќе бидат санкционирани и драконски казнети.
Во таква ситуација фурнаџиите наоѓајки се меѓу притисокот на Владата и револтот на народот одлучија повторно да ги запалат фурните и почнаа да произведуваат леб, притоа заканувајки и се на Владата дека ќе ја тужат за ваквата одлука.
Во време на пазарно стопанство, кога пазарот ги диктира цените на производите и услугите и кога по ковид кризата и економската и енергетска криза во државата цените не само на лебот туку и на други производи скокаат од ден на ден, а некогаш дури по два пати на ден, право е на производителите по која цена ќе ги продаваат своите производи.
А кај нас цените на производите,сега кога имаме двоцифрена инфлација, во голема мера се разликуваат од дуканче до дуканче,од Супер маркет до Супер маркет.
Кога станува збор за цените во последно време има случаи кога на рафтовите има едни цени, а на касата сосема други.
Поагајќи од непишаното правило дека во матно се ловат риби, трговците играат со цените на производите како берзанските работници на берзите.
Токму затоа голем број домакинки, кои добро ги знаат цените на основните артикли, дури ги поминуаат сите Супер маркети за да купат некои производи кои се разликуваат по цените дури и за 150 до 200 проценти.
Но нивното зголемување не ги допира многу граѓаните, или власта, затоа што тие многу ретко се контролирани и не се толку битни за да преживее едно семејство.
А кога станува збор за цените на лебот, маслото шеќерот, брашното, струјата, нафтените деривати … тие веднаш паѓаат в очи и на истите реагира народот. Затоа Владата се труди нив да ги држи под контрола.
Но да се вратиме на лебот.
Штрајкот на фурнаџите да не месат и не продаваат леб покажа дека обичните македонски смртници можат без се, само без леб не можат.
На македонската трпеза може да има разни специјалитети, што би рекле старите, дури и од пиле месо, но доколку нема леб како да нема ништо.
Македонецот едноставо не може без леб.
А фурнаџиите тоа добро го знаат и затоа денес, по банкротирањето на големите мелничко пекарски капацитети и произвоители на леб и бели пецива во Битола и Македонија со производство на леб и пецива се занимаваат голем број новопечени производители.
Нивниот број од ден на ден е се поголем.
Тоа на многумина им донесе огромни профити, па денес ретко ќе најдете фурнаџија кој не заработил добро од продажбата на лебот и белите пецива.
Кај нас во Битола нема сиромав производител на леб. Многумина во Битола направија вистиснки империи од овој бизнис и имаат не по една, две или три куки, туку и по неколку станови, дукани и бесни автомобили.
Во изминатиот период по енергетската криза најголемиот број фурнаџии и мелничко пекарски капацитети ги покачија цените не само на лебот, туку и на белите пецива, бурекот, геврекот, пенерлиите… за по најмалку 50 отсто.Но тие цени толку многу не го изиритираа народот, како покачувањето на цената на лебот, бидејки овој пат фурнаџиите сакаа на сметка на народот да направат од лебот погача, а притоа да плаќаат евтина и субвенционирана струја.