По неколкугодишно затишје, деновиве решавањето на спорот со Грција околу името Македонија, повторно е мошне актуелен.
Последните денови на насловните страници на весниците, како и во ударните термини на електронските медиуми и порталите, буквално вест број 1 е (не)решавањето на спорот со името со Грција.
Македонските и Грчките власти во последно време водат мошне интензивни преговори околу решавањето на овој 2,5 децениски спор, кој преставува главна кочница за македонските евроинтеграции.
Како во предвечерието на одржувањето на самиот на НАТО во Букурешт, во 2008 година, така и сега, во Македонија се подгрева оптимизмот кај граѓаните дека до јули месец ќе се најде решение за спорот за името и дека Македонија конечно ќе стане 30- та членка на НАТО.
Политичката клима во државата моментно е дури пооптимистичка од таа пред самитот во Букурешт, кога сега веќе екс претседателот на САД, Буш помладиот, покрај Хрватска и Албанија дури ја промовира Македонија како членка на НАТО.
Но на самата свеченост, Македонија, откако Грција стави вето, во последен момент беше избришана од списокот на новите членки на НАТО.
За тие кои заборавиле да кажеме дека тогаш беше соопштено дека за влез на Македонија во НАТО дури не треба да се одржува самит, туку таа по автоматизам ќе стане нова членка на Алијансата доколку го реши спорот околу името со Грција.
Но иако оттогаш изминаа цели 10 години Македонија сеуште е надвор од земјите членки на НАТО.
Сега, по смената на власта и по конструктивната и мирољубива дипломатија на Кабинетот на Заев, повторно се подигна оптимизмот и кај властите и кај народот дека Македонија до јули ке стане нова членка на НАТО.
И токму во моментот кога се врати тој оптимизам, повторно од првиот човек на НАТО стигна ладен туш, дека Македонија не може да се надева на влез во НАТО доколку не го реши спорот со Грција околу името.
Со други зборови и покрај заминувањето на кочничарот за решавањето на спорот, Никола Груевски и бројните средби, како и преговори, работите како воопшто да не мрднале од мртва точка.
Македонија како и во сите изминати 25 години за своите евроинтеграции и влез во НАТО треба да го исполни условот на Грција, да го смени името.
Со тоа се покажа дека залудни биле сите пофалби што ги слушавме во последно време за нашите реформи, конструктивност, волја, настојувања, желби, пофалбите за учеството во бројните мисии на НАТО. За Македонија засега и натаму за влез во НАТО останува единствениот услов, кој досега го немала ниту една земја членка или кандидат, смена на името.
Слушајќи ги деновиве препораките од Брисел, па дури и од говорницата на Македонскиот парламент, на првиот човек на НАТО Столтенберг, во овој момент отпаднаа и сите комбинации дека Македонија заради конструктивната политика и решавањето на нејзиното безбедносно прашање ќе влезе во НАТО под референцата ФИРОМ.
Ваквите изјави во извесна смила го спласнуваат оптимизмот кај граѓаните.
Иронијата да биде поголема, околу исполнувањето на овој услов е тоа што медијаторот Метју Нимиц, деновиве во интервју за телевизијата Сител рече дека спорот за името мора што поскоро да се реши бидејки преставува голема штета за двете земји доколку неговото решавање и понатаму се одолговлекува.
Според Нимиц, кој цели 25 години е ангажиран и зема плата за (не)решавањето на овој спор, по се изгледа дојде денот Д кога недоразбирањата со Грција мора да се надминат и Македонија конечно да прифати некое друго име, со географска одредница.
Медијаторот Нимиц по 25 години неуспешни преговори вели дека сега е моментот да се реши спорот околу името, бидејки сега во Грција и Македонија немало избори, а имало политичка клима за решавањето на спорот.
Тој упати дури совет до преговарачите да не се чека истиот да се решава во наредните 25 години ,зашто тој со оглед на годините кои ги има толку долго не може да чека.
Нимиц посочи дека не може да објави што содржи пакетот за предлогот за името што им го дал на преговарачите.
– Не е тајна дека дека договорот е сеопфатен и се обидов да ги опфатам најголемите проблеми и да најдам начин од интерес на двете страни. Предлозите ги напишав на 4 страни и ги дадов на надлежните. Треба време за да размислат, потребни се 3-4 дена потоа за разговор. Јас ке ги посетам и двете земји во наредните 10 дена за да најдеме компромис и сметам дека треба да се разгледаат – рече Нимиц.
По овие зборови изгледа сега на Нимиц му се брза зашто тој не сака да замине на оној свет без да го реши спорот со Грција.
Човекот кој цели 25 години не го реши спорот сега вели дека за 3-4 дена може да се прифати некој од неговите предлози, кои не се нови.
По сите вакви изјави кои ги слушнавме деновиве се чини дека привременото име на Македонија ФИРОМ ќе биде вечна тема на преговори и разговорои.
Македонија како и пред 25 години, така и сега е исправена пред предизвикот за смена на името. Тоа е голем услов.
Затоа како и пред Букурешт, така и сега не треба да се шири лажен оптимизам, кој по јули може да ни се врати како бумеранг и целиот македонски народ да го фрли во тешка депресија.
Со оглед на тешкиот услов лично мислам дека Заев паралелно со странските преговарачи, мора да води деноноќни разговори и преговори и со опозицијата, која мора да биде вклучена во решавањето на овој спор, од кој сите ќе излеземе со тешки лузни, кои можеби ке не следат до крајот на животот, како генерација на недоквакан народ.