Соработката на Министерството за одбрана и Армијата со Министерството за здравство и Град Скопје денес резултираше со целосно поставување на армиската мобилна болница „Role 2“ која Армијата ја подигна за проширување на капацитетите на Инфективната клиника која го згрижува заболените граѓани од COVID-19.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска извршија обиколка на мобилната болница при што го изразија задоволството од ефикасната соработка на институциите.
„Инженерските единици на Армијата, но и тимот во Воено медицинскиот центар на Армијата, покажаа дека се тука кога треба, и веднаш се мобилизираа и обезбедија квалитетен резултат. Тука не запира ангажманот. Како што гледате сега почнува целосното опремување на оваа мобилна болница. Ние се надеваме дека нема да мора да се користат сите капацитети, меѓутоа мора да се обезбедат дополнителни капацитети и тоа најдобро како што е сега во кругот на клиничкиот центар. Оваа варијанта да имате сѐ во непосредна близина на инфективната клиника навистина е квалитетно, добро и ефикасно решение“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шекеринска го нагласи сојузништвото со НАТО како предност во ситуации како сегашната. „Активирање на таканаречената „Role 2“ мобилна болница, покажува како и во вакви ситуации може да помогне членството и сојузништвото со НАТО земјите членки. Оваа болница и целокупната опрема во неа е практично донација на еден од нашите силни поддржувачи на патот кон членство во НАТО, а тоа е Норвешка, и очекуваме и во следниов период да добиеме дополнителна медицинска поддршка за овој проект. Тоа покажа дека членството во НАТО значи и поддршка тогаш кога најмногу ви е потребно“, истакна министерката заблагодарувајќи се на Кралството Норвешка кое што пред неколку години ја има донирано оваа болница која сега за првпат се активира.
Министерот за здравство доц. д-р
Венко Филипче изрази благодарност до вицепремиерката и министерка за
одбрана, Радмила Шекеринска и градоначалникот на градот Скопје Петре
Шилегов за експресното расчистување на просторот и поставување на
мобилната подвижна болница до Клиниката за инфективни болести и фебрилни
состојби.
„Ова беше место каде со години стоеја
напуштените бараки на студентскиот дом „Медицинар“. Се расчисти плацот и
се обезбеди место, каде што се постави оваа мобилна болница, која ќе
има капацитет од 130 кревети. Практично дуплирајќи го капацитетот на
Инфективната клиника. Целосната инсталација и ставањето во функција ќе
биде во текот на следната недела. Искрено се надеваме дека нема да биде
потребна, сега засега, зашто нешто над 50 проценти е пополнет
капацитетот на самата клиника. Верувам дека ќе имаме крива на прием на
нови пациенти која што ќе биде практично амортизирана од клиниката“,
потенцираше министерот Филипче.