Don't Miss
Home / Спорт / РК Пелистер заминува во историјата, на сцена Еурофарм Пелистер!?

РК Пелистер заминува во историјата, на сцена Еурофарм Пелистер!?

                     

          По речиси 65 години од основањето ракометниот клуб Пелистер заминува во историјата.

          Деновиве со согласност на Советот на општината  Битола сопственик на 75 од сто од акциите на РК Пелистер е ракометниот клуб Еурофарм Работник.

          Советниците  и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ја прифатија понудата на Еурофарм Работник да ги купи акциите на Пелистер.

          Со таквата одлука во наредниот период  општината Битола ќе има само 25 отсто од акциите, додека сопственик на останатите 75 од сто од акциите ќе биде Еурофарм Работник.

          По ваквата трансакција во иднина новиот клуб ќе се вика Еурофарм Пелистер.

          Што ќе стане со  името  Работник, кој досега беше дел од клубот Еуорафрм (Работник) засега никој не знае.

          Засега не е познато ни тоа  како ќе се вика втората екипа која ќе се натпреварува во Супер ракометната лига. Дали клубот ќе се вика Еурофарм Работник, или само Еурофарм, останува непознато, бидејќи тоа не е прецизирано ни во Платформата.

           Тоа што се знае  е дека во наредните 5 години  Општната Битола се обврза да исплаќа по 15 милиони денари за финансирање на екипата на Еурофарм Пелистер.

          Иако со  преименувањето на клубот, Еурофарм Работник во Еурофарм Пелистер  луѓето кои ја одобрија ваквата “купо -продажба “ твдрат дека со тоа Пелистер нема да згасни и дека тој клуб  дури ќе игра во Лигата на шампионите, сепак повеќе од јасно е дека со купувањето на Пелистер, новиот сопственик го третира  битолскиит клуб како “ спонзор”, бидејки во спротивно ќе се согласеше клубот да се вика Пелистер Еурофарм.

          Но во овој “ трансфер “ се потврди правилото  дека  РК Пелистер не беше во ситуација да условува, туку  буквално да ги исполни сите барања на Еурофарм, кој со успесите кои ги постигна во последните две – три години се наметна како моќен ракометен колектив, но кој ни оддалеку нема историја како Пелистер.

          Иако раката на срце, екипата на  Еурофарм  Работник во моментот има мошне добри резултати и меѓународни успеси, сепак факт е дека РК  Пелистер е клуб со  65 години традиција и дека Пелистер е клубот кој ја запиша Битола како најракометен град не само во Македонија и екс Југославија, туку и во Европа.

          РК Пелистер зад себе има богата клупска историја.

          РК Пелистер  од сезоната 1983/84 стана стандарден член Првата сојузна  ракометна лига на Југославија.Во 1986 година  Пелистер  стана првиот македонски клуб кој играше  во некое европско натпреварување, кога играше против  Атлетико Мадрид.  Од бројните успеси  би ги споманле  кога во сезоната 1985/86  го освои третото место во Првата лига.  Пелистер во сезоната 1986/87. и 1987/88. го освои второто место, двапати зад тогашната доминантна  Металопластика. Како второпласиран беше во сезоната 1988/89 и играше   во ЕХФ Купот, и го оствари својот дотогаш најдобар резултат, стигнувајќи до четвртфиналето, каде во двомечот бил поразен од источногерманскиот Форвертс (35:38).

Откако, во 1992 година, се формира Супер лигата на Македонија, Пелистер стана најуспешен клуб, освојувајќи пет титули од вкупно осум одиграни сезони.

 Исто така, во тој период освои и четири трофеи на Националниот куп, 1994, 1996, 1998 и 1999 година.

Пелистер во сезоната 1995/96, стигна до полуфиналето во Европскиот куп на победници, каде за противник го имаше германскиот Лемго. Во првиот натпревар  во гости Пелистер беше поразен со 25:23, но во реваншот победи со 24:23 но  тоа не беше  доволно, па Лемго отиде понатаму и на крајот го освои трофејот.

Најголемиот успех во европските натпреварувања Пелистер го постигна во сезоната 2001/02, кога  играше во финалето на Челинџ купот. Во финалето Пелистер беше поразен од данскиот Скјерн.

          Дека  по купородажбата на Пелистер не е баш се како што треба, најдобра потврда е што ракометарите на Пелистер по најавата за продажбата на клубот, едноставно си заминаа, а од составот кој играше во минатата сезона останаа само два- тројца ракометари. Засега на стенд бај е и Управата на клубот, бидејки во иднина во  клубот Еурофарм Пелистер општината Битола ќе биде преставане само со двајца преставници од Општината.

          За тоа време екипата на Еурофарм Работник се подготвува во Маврово во состав, кој беше направен пред  “трансакцијата” со Пелистер.

           Како и да е. По 65 години постоење РК Пелистер веќе не е клуб, чие име  ќе стои како прво на ракометната табела. Во иднина навивачите на Пелистер, популарните “чкембари “   ќе мора да се навикнат да скандираат “Еурофарм Пелистер”. Како ќе го изведуваат  тоа останува тие да размислуваат.

          Во оваа сезона ќе мора да се навикнат малку да заборават и на своите песни за зелено-белата боја на Пелистер, бидејќи  екипата на Еурофарм Пелистер е пријавена во Лигата на шампионите да игра во син дрес,  кој  е дресот на Еурофарм Работник.

          Во ова априлика треба да се спомни дека во една прилика, пред неколку години  РК Пелистер имаше неуспешна купо-продажба и подоцна клубот му беше вратен на Општината.

          Да се надеваме дека тоа овој пат нема да се случи и дека новиот сосптевник на Пелистер ќе се обиде да ја негува и зачува историјата и традицијата на РК Пелистер.

          РК Пелистер не вреди само 25 илјади евра колку што (треба да)плати новиот сопственик. Неговата цена е многу, многу пати поголема. Но тоа што најмногу вреди е историјата и традицијата на РК Пелистер која ја испишуваа генерации ракометари и со која никој нема право да си поигрува, без разлика во која функција се наоѓа.

          М.Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*