Предлозите за градоначалници за локалните избори СДСМ ќе ги презентира на крајот од август. Предвреме, можно е да се знаат имињата само за кандидати во општини за кои анализите се завршени. Ова е ставот на претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, кој додаде дека се спроведуваат низа анкети за партијата да ги избере тие кои, според него, ќе победат.
– Според нашиот правилник и роковник, одлуките ги носиме на крајот на август затоа што во првата половина од септември се доставуваат до ДИК. Но, ако и претходно донесеме одлуки кои ќе значат завршени истражувања, анализи, нема што да чекаме и ќе објавиме, за да знаат граѓаните и да оформат свој став. Генерално крајот на август, но не исклучувам можност и во текот на јули месец да објавиме неколку кандидати – рече Заев.
За претседателот на СДСМ и премиер најважно е да се изберат вистинските кандидати за избори.
– Очекуваме низа анкети за граѓаните навистина да ни кажат што преферираат и тоа ќе ни биде водилка. Сите можеме да бидеме корисни во форма на кандидати. Најважно е да направиме вистинска селекција на кандидати, бидејќи тоа е избор на личности. Партиите имаат важност, но многу мал. Самите личности, за советници, градоначалници, се доминантно пресудни во одлуката – рече Заев.