Празничната еуфорија во градот започна од претпладневните часови. Вистинска новогодишна празнична атмосфера имаше по битолските кафулиња на Широк Сокак каде музичкиот репертоар беше малку поинаков.
Од секаде ечеа популарни турбо фолк песни, а битолчани беа одлично расположени.
Голема раздвиженост имаше и низ битолските продавници, бутиците, супер маркетите, каде граѓаните ги правеа последните подготовки за новогодишната прослава.
За сите граѓани на Битола и туристите однадвор, за вечерва е подготвена богата музичка програма од битолската локална самоуправа.
Организираната забавно-музичка програма започна претпладнево со изведба на четири детски театарски претстави, односно претставите „Работилницата на Дедо Мраз“, „Најубавата ноќ“, „Новогодишна приказна за Дедо Мраз“ и претставата „Земјата наопаку“, а ќе продолжи со вечерната програма во која меѓудругите ќе настапат и познатите Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски и точно на полноќ, поп дивата –Калиопи.
Од општина Битола порачуваат за време на забавата да не се користат пиротехнички материјали, петарди и друг лесно запаллив материјал и да се препуштат на богатата музичка програма на плоштадот „Магнолија“ организирана по повод дочекот на Новата 2015 Година.
Б.В.