Home / Вести / Се одржа јавна расправа за новата градинка во Битола

Се одржа јавна расправа за новата градинка во Битола

        Денеска, преку апликацијата ЗУМ се одржа онлајн јавна расправа за новата градинка која ќе се гради во Битола преку Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) на Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Новата градинка ќе биде лоцирана во југозападниот дел од градот, спроти основното училиште „Св. Климент Охридски“ и е планирана за згрижување на најмалку 147 деца на возраст од 6 месеци до 6 години.

На Јавната расправа на граѓаните и на засегнатите страни детално им беше презентирана функционалноста на новиот објект, како и новитетите во проектирањето на објекти од ваков вид со фокус на специфичните потреби на децата од предучилишна возраст, а кои ќе бидат имплементирани и во новата градинка.

 Дополнително е презентирана и „Првичната ограничена оценка за влијание врз животната средина и социјалните аспекти“.

-Целта на оваа расправа е родителите и останатите вклучени страни – воспитувачи, педагози, соседи и други граѓани да ги добијат основните информации, но и да дадат свој придонес преку предлози за евентуални подобрувања на проектите и на фунционалноста на градинките. Тие се особено драгоцени и поради тоа што во градинките, вклучително и во новата градинка во Битола, сакаме да воведеме нови стандарди и нормативи, приспособени на потребите на децата за движење и за поттикнување на учењето преку игра“ – рече Наташа Тасевска Стојановска, претставник на ППСУ.

Инаку, во рамките на Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, во 17 општини, кои доставија свои апликации, се во тек активности за изградба на нови и адаптација на постоечките установи за згрижување на деца од предучилишна возраст, чија главна цел е создавање нови 7.500 места за деца од 6 месеци до 6 години.

Покрај зголемувањето на просторните капацитети, ППСУ е посветен и на зголемување на квалитетот на услугите во градинките и центрите за ран детски развој, преку обуки на кадарот и имплементација на инструменти за мерење на квалитетот на предучилишното образование.

Проектот за подобрување на социјалните услуги го имплементира Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините во земјава. Проектот вклучува компонента за промовирање на социјалната вклученост преку подобрување на пристапот до социјални надоместоци и услуги (Компонента 1) и компонента за проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на предучилишните услуги (Компонента 2). Проектот се реализира со финансиска поддршка од Светска банка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*