Од 24 до 28 април, во организација на Центарот за култура- Битола ќе се одржи седумнаесеттиот по ред интернационален Фестивал на монодрамата.
На Фестивалот, учество ќе земат 13 претстави, од кои десет во официјална конкуренција и 3 вон конкуренција.
Претставите што ќе учествуваат на Фестивалот се од од седум држави меѓу кои Романиа, Израел, Русија, Србија, Хрватска, Бугарија, Украина.
На Фестивалот на монодрамата учество ќе земат и три македонски претстави од кои една фестивалска премиера. Станува збор за претставата „Делириум Тременс”на Народниот театар „Војдан Чернодрински” од Прилеп во изведба на Игор Трпчески.
-Ова е единствениот фестивал во нашата држава што ја промовира монодрамата како форма и еден од најстарите на Балканот. Досега на Фестивалот се претставиле над 50 држави од целиот свет со навистина квалитетни остварувања кои го надминуваат бројот од 200 претстави- информира Борче Димитровски, директор на Центарот за култура- Битола.
Учесниците ќе се натпреваруваат за престижната награда Гран При која ќе ја додели меѓународно жири на чело со претседателот Јуриј Назаров од Русија.
Селектор на Фестивалот е познатиот битолски актер Петар Мирчевски.
Фестивалот ќе го отвори претставата „Животот на Молиер” во режија на Александар Поповски а во изведба на МНТ Скопје.
Фестивалот на монодрамата во Битола е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.
Б.В.