Don't Miss
Home / Uncategorized / Шефот на Големото уво Грујовски недостапен за полицијата

Шефот на Големото уво Грујовски недостапен за полицијата

Врховниот суд одлучи ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, и неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање да бидат притворени.

На третиот обвинет во предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, Тони Јакимовски, ексшеф на кабинетот на директорот на УБК, Сашо Мијалков, изречена му е само мерка на претпазливост, со која, покрај македонскиот пасош, одземен му е и дипломатскиот пасош, кој го добил како генерален директор на Југоисточниот центар за спроведување на законот, во СЕЛЕК центарот во Романија.

Иако, нема официјално соопштение од МВР, според медиумите, полицијата не ги пронашла и привела Грујевски и Бошковски, иако биле барани на шест-седум локации, на кои според полициските сознанија би можеле да се наоѓаат. Надлежните не ги евидентирале на граничните премини, но, нема официјални информации дали ја напуштиле земјата илегално. Неофицијално, двајцата ги оставиле мобилните телефони, со што е елиминирана можноста да бидат лоцирани

Дел од експертите и медиумите предупредуваа токму на ваква можна разврска, по решенијата на Апелациониот суд Скопје дека „мерката за притвор стапува во сила по правосилност на решението“, со што притворањето беше пролонгирано, се` до одлуката на Врховниот суд.

Двајцата обвинети засега се недостапни на органите на прогонот.

Според СЈО, тројцата се обвинети за нелегално прислушување на над 20.000 граѓани, со злоупотреба на системите за следење во МВР, но, и за подоцнежното уништување на системите, со цел уништување на доказниот материјал за криминалните активности, со кои масовно се кршеле човековите права и слободи на граѓаните.

СЈО барањето за притвор го аргументираше токму со примерот на началникот на Петтата управа при МВР, Грујевски, кој не се појавувал на распит, влијаел врз сведоци и во тефтерот имал и „насоки кој сведок што да каже пред СЈО “.

Но, иако Апелациониот суд го прифати решението на Основниот суд Скопје 1 за притвор на Грујевски, Јакимовски и Бошковски, со невообичаена постапка во судската пракса, решението во овие случаи стануваше извршно, дури по одлука на Врховниот суд по жалбите на обвинетите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*