Фокусирани сме на решение, на шанса за нашата држава, и нема да дозволиме невнимание тоа да го уништи, изјави денес во Битола, заменик претседателот на Владата и министер за одбрана Радмила Шекеринска, а во врска со текот на преговарачкиот процес меѓу Република Македонија и Република Грција.
Шекеринска потврди дека двата министри договориле рамка за добро решение, што ќе биде добра вест за целиот регион.
– Двајцата министри договорија рамка која сметаме дека ќе биде добро решение за Македонија и за Грција и ќе биде добра вест за целиот регион. Остануваат последните чекори и тие се подеднакво важни и често пати дури и потешки. Очекуваме двата премиери да разговараат за сите детали и очекуваме во кратко време, доколку има понатамошен напредок, да имаат и заедничка средба. Фокусирани сме на решение, на шанса за нашата држава и нема да дозволиме невнимание тоа да го уништи – посочи министерката Шекеринска за време на денешниот престој во Битола, каде беше отворен француски Меморијален комплекс.