Don't Miss
Home / Uncategorized / Со транспарентност против лажните вести

Со транспарентност против лажните вести

И покрај тоа што Велес во еден временски период стана синоним за ширење на лажни вести, токму денеска од овој град се испраќаат пораки дека Македонија тргнува во борбата против лажните вести, порача министерот без ресор, Роберт Поповски од Форумот за јавни политики на тема „Справување со дезинформациите – комбиниран пристап на властите, граѓанското општество и медиумите за долгорочни решенија“, во организација на USAID, Владата, Општина Велес и граѓански организации. Тој потенцира дека лажните вести, речиси секогаш носат пораки на национализам, поделба, раздор, конфликт и омраза.

На Форумот со воведно излагање се обрати и Едвард Гонзалес – директор на канцеларијата на УСАИД за општ развој, а беа присутни и пратеници и претставници на политичките партии, како и стручњаци од областа, претставници на новинарски, медиумски и граѓански организации.

– Видовме, не само деновиве туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување – рече Поповски, додавајќи дека завчера, за време на насилните протести во Скопје но и во континуитет, како што рече, на социјалните мрежи се шират лажни и вознемирувачки вести вклучувајќи наводни жртви на полициска бруталност, за кои се користат стари фотографии од личности од секаде по светот, лажни текстови и постови.

Говорејќи за поставеноста на Владата за справување со овие предизвици на дигиталното дезинформирање, Поповски го истакна повикот на Владата на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање, посебно акцентирајќи го претстојниот референдум за Договорот со Република Грција.

– Постојано дејствуваме против манипулациите и веруваме дека проактивното објавување на информации, отчетноста и транспарентноста придонесуваат за намалување на лажните вести и пропагандата – нагласи Поповски, кој повика и на постојана гласност во критиките од граѓаните, политичките или граѓански здруженија и медиумите, со цел да бидат слушнати и да влијаат на креирањето на владините политики, и подвлече дека владата ќе продолжи со активна и двонасочна комуникација со граѓаните на интернет и социјалните мрежи, за, како што подвлече, брзо пресретнување и спречување на лажните вести.

– Тоа што изминатите неколку дена може да се прочита по социјалните мрежи и интернет порталите во Македонија, е уште една потврда за тоа колку проблемот со лажните вести е сериозен и треба посветено да работиме за справување со овој предизвик. Лажните вести во овој случај имаат за цел намерно извртување и манипулирање. На овој начин се поттикнуваат емоциите кај граѓаните и се манипулираат да верува во тоа што сака да го продаде страната која е нарачател на овие содржини и лажни вести – истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во своето излагање на панел дискусија на Форумот.

Манчевски потенцираше дека тоа што Владата може да го направи во моментов е, преку редовно информирање и целосна транспарентност во работењето, како што рече тој, „да се спротивставиме на дезинформациите кои поединци сакаат да ги наметнат во јавноста“.

Според него, овој тип на работење, Владата го темели на три основни столбови: демократизација на медиумскиот амбиент, активна транспарентност и зголемен пристап до информации.

– Во овој правец се и предлог измените во Законот за АВМУ. Измените во законот за АВМУ, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозможуваат слободно и независно работење на медиумите во државата. Најважно од се, даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите. Владата цврсто стои зад овие заложби за демократизација на медиумскиот сектор и професионализација на регулаторните тела и во овој дел нема да има отстапки. Силната регулација на медиумите во основа не може да донесе голем бенефит, бидејќи многу лесно може да прерасне во цензура. Клучот е во новинарска фела, да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да се држат до овие стандарди – нагласи министерот Манчевски.

На форумот, пред присутните гости и јавноста се обрати и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој пред сѐ, искажа жалење дека и покрај значајното место кое Велес го зазема во културната и просветната историја и традиција на Република Македонија, сепак остана најзапаметен како град-фабрика за лажни вести, што според него е резултат на долгогодишниот економски колапс и големата невработеност во градот.

– Фактичката ситуација на терен ми потврди дека како локална самоуправа, имаме голем предизвик да се избориме не само со малигната популација на лажните вести, особено кај помладата популација, туку и со поддршка на државата да воспоставиме функционален систем на превенција, за да не се повтори оваа лоша слика која ја виде светот – рече во своето обраќање градоначалникот Коцевски.

Градоначалникот информираше дека Општината ќе соработува со младите преку отворање на младински креативен центар, каде ќе можат да развиваат вештини од претприемништвото, иновации, европски проекти, уметност и култура, а не со ширење лажни вести, а со тоа и да придонесат за градење на имиџот на Велес.

Едвард Гонзалес – директорот на канцеларијата на УСАИД за општ развој, пред присутните на денешниот Форум, рече дека денешниот настан е важен и навремен, имајќи ја предвид актуелната тема за дезинформирање, феномен кој , како што истакна тој, рапидно еволуира и има локален но исто толку и локален импакт.

– Граѓаните треба да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги конзумираат. Од друга страна, Владата треба да ја почитува улогата на независните медиуми, да промовира транспарентност и отчетност во владеењето, како и да овозможи здрава средина која овозможува овој сектор да си ја одигра својата улога – рече Гонзалес, посебно нагласувајќи ја идејата дека сега, повеќе од било кога порано, Владата, бизнис секторот, медиумите, граѓанските организации и граѓаните треба да работат заедно во решавање на растечкиот проблем кој го претставуваат лажните вести, како би се осигурале напорите на државата да продолжи да се движи напред кон својата европска интеграција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*