Don't Miss
Home / Вести / Средствата издвоени за проектите од национален интерес во културата ја политизираа битолската јавност

Средствата издвоени за проектите од национален интерес во културата ја политизираа битолската јавност

Во Битола не стивнуваат реакциите по објавените резултати од  Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата на Министерството за култура.

Ирена Димовска-Митревска претседател на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ Битола, на прес-конференција рече дека резултатите од националниот конкурс за поддршка на културата се поразителни за сите професионалци и креативци во областа на културата и не донесе ништо друго туку само обесхрабрување и разочарување за вистинските уметници.

-Станува збор за култура без стратегија, односно квази култура по партиска нарачка. Битола не е „мал град“, но е доволно мал да се познаваме едни со други, особено оние кои делуваат во најблагородната општествена сфера-културата.

За жал, оддалеку е видлив клиентелизмот, имповизациите и приватните ситно профитерски шеми-обвини на прес-конференција Митревска и јавно праша:

-Дали назначената претседателка на Комисијата за интердисциплинарна дејност, освен што е истакнат активист на СДСМ е и член на Управниот одбор на Младински културен центар Битола, и дали тоа не е конфликт на интереси ?

Во оваа дејност се доделени 656.000 денари за проектот „Битола отворен град 2024“ во организација на МКЦ Битола.

За заедничкиот именител на „Здружението на граѓани за поинакво делување Артакт „Друштво за производство, трговија и услуги Тричетврти увоз-извоз ДООЕЛ“  сите од Битола, очигледно ќе мораме ние да ја информираме македонската јавност дека се работи за лице кое е директно врзано со најблискиот соработник во кабинетот на министерката  Костадиновска-Стојчевска. Уште еднаш да потсетиме дека наведените проекти се финансирани од Министерството за култура со преку 2.000.000 денари-обвини Ирена Димовска-Митревска од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите рече дека ниту еден од критериумите за избор на проекти нема партиски основ. Таа е децидна дека сите членови во комисиите се професионалци во својата работа, а за секој што е незадоволен, жалбената постапка е во тек и таа треба да се искористи како механизам.

– Почнавме да добиваме мејлови за одбивање на проекти поради манипулативен медиумски притисок, вака ли некој сака да ја моделира културната сцена? Млади уметници кои студирале во странство и добиле средства за поддршка од Министерството за култура се дискредитираат во јавноста само затоа што доаѓаат од Битола и тоа прави голема штета врз културата. Две уметнички од Битола добија средства за изработка на накит со мотиви од азбуката и на гардероба со народни мотиви. Точно е дека се познавам со нив, како што ги познавам и оние што ме напаѓаат. Сум била професорка, Битола е мал град, се знам со сите. Дали заради тоа треба да ставиме крст на цела културна сцена на Битола -праша министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Од Младинскиот културен центар од Битола најостро ги осудуваат како што велат дезинформациите и невистините на прес-конференцијата на ВМРО ДПМНЕ.

-Претседателката на Комисијата за интердисциплинарна дејност при Министерството за култура не е, и никогаш не била   член на Управниот одбор на МКЦ-Битола и не може да има конфликт на интерес за одобреното финансирање на нашиот фестивал Битола отворен град 2024 од Министерството за култура. „Битола отворен град“ во организација на МКЦ-Битола е традиционален меѓународен младински уметнички фестивал кој 23 години ја слави алтернативната уметност и урбаната култура, стимулира културен активизам и придонесува за развој на културниот туризам во Битола. Уште повеќе сме зачудени од изнесените невистини, поради фактот што токму Ирена Димовска-Митревска во неколку наврати има настапувано на „Битола отворен град“ и многу добро знае за успешната приказна на нашиот фестивал-стои во демантот на МКЦ-Битола.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*