Home / Вести / Во Битола под превезот на легализација на трошни куќи се легализираат хациенди

Во Битола под превезот на легализација на трошни куќи се легализираат хациенди

И покрај тоа што се мислеше дека во Битола по легализацијата на над 14 илјади бесправно изградени објекти, дека ќе се стави крај на нелегалната изградба, сепак истата продолжува.

И натаму во градот под Пелистер се легализираат диви објекти. Иронијата да биде поголема некои од дивите објекти изградени дури пред три децении, се уште не се легализирани.

За тоа време, додека нелегално изградените објекти во најголем дел во руралните средини чекаат на легализација, во Битола и околината се легализираат хациенди изградени во изминатите неколку години.

Советникот Гаврил Трајковски од партијата Левица рече дека очигледно е релативизирањето од страна на советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кога се дискутира за легализацијата на бесправно изградените објекти во Општина Битола.

Намерно ги ставаат во ист кош и хациендите и некои камбанарии и трошни куќи за да има некаков легитимитет тој процес иако е нелигитимен. Како советници на Левица ќе продолжиме да ги напуштаме седниците на Советот кога се дискутира за легализација на бесправно изградени објекти-дециден е советникот Трајковски.

Според советниците на Левица, Општината Битола има информации колку хациенди, односно дивоградби се изградени а не презема ништо.

Што правиме со оние хациенди што немаат имотен лист а Општината знае дека се изградени и се во зелен појас и не презема ништо? Битолската јавност знае дека над браната Стрежево се изградени две огромни хациенди. Не знам дали тие ќе дојдат до степен да ги гласаме за легализација во Советот, подобро им е да не стигнат. Но, она што е симптоматично е прашањето, кој е тој што му дал дозвола на тие две хациенди да поминат преку бараната “Стрежево” каде што има забрана за тешки товарни возила? Хациендите се елитни и поседуваат базени. Зошто локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за тие хациенди- прашува советникот на Левица, Горан Велевски.

Советничката на ДОМ Анастасија Трајковска е децидна дека како советник никогаш нема да поддржи и нема да гласа за легализирање на бесправно изградените објекти.

Законот ги дава овие можности, но сите советници што ги носат одлуките мора да бидат свесни дека сите овие легализирани објекти немаат градежно конструктивенпроект, немаат согласност од ИЗИИС и еден ден Битола може да ја снајде, она што за жал ја снајде Турција. Сите објекти што се легално направени имаат градежен проект, имаат мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија ИЗИИС, поминуваат низ разни филтри, а со овие објекти, не само што се направи голем упад во урбанизмот, дел од нив се на сред пат или покрај река, не постои никаква сигурност дека се стабилни. Тоа е голем ризик, не само за луѓето на кои им се легализираат објектите, туку и по нивната околина и штета за сите. Јас како советник никогаш нема да поддржам и нема да гласам за легализирање на бесправно изградени објекти-децидна е советничката на ДОМ, Анастасија Трајковска.

Претседателката на Советот, Габриела Илиевска рече дека има граѓани кои уште пред десет години поднесле барање за легализација и една деценија не добиваат ниту позитивен, ниту негативен одговор, бидејќи некој ги информира дека Советот треба да даде зелено светло.

-Доколку граѓаните добиеле негативен одговор, тие ќе поднеселе жалба, а доколку им било одговорено позитивно, ќе имале потпис од градоначалник. Ова го зборувам од говорница со години откако бев избрана за советник. Имаме граѓани кои повеќе од десет години чекаат одговор и најлесно е да им се рече дека Советот не го разгледа. На комисиите ние ги имаме само информациите од правник, којшто ни ја кажува само правната постапка. Ние како советници можеме да донесеме одлука, дали истата ќе биде спроведена, тоа не зависи од нас. Советот во никој случај не треба да се става во позиција помеѓу граѓаните и оној што треба да го даде завршниот збор-децидна е Илиевска.

Според советникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојкоски сите предмети што се закочени во општинската администрација и не стигнале до Советот, предметите да се разгледаат на комисија, и истите да бидат изгласани доколку тоа го одлучи мнозинството советници.

-Во неколку наврати се споменуваат хациенди, згради, досега овој состав на Советот, на комисија сите предмети сме ги разгледувале. Станува збор за предмети кои во 99 проценти се за куќи во руралните средини што биле изградени пред 30 и повеќе години. Граѓаните во тие средини без поседување на имотен лист неможат да ја искористат можноста да аплицираат за грантови во фондовите на европските програми. Ние како советници треба да изгласаме, а доколку постои законска пречка, тоа ќе го провери општинската администрација и градоначалникот е тој што или ќе го потпише или нема да го потпише решението-смета Бојкоски.

Инаку, на последната седница на Советот на Општина Битола, мнозинството советници изгласаа 19 одлуки за утврдување на потреба за донесување на урбанистичко-планска документација за проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправните објекти. „За” гласаа советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку”, а против беа советниците на ДОМ и Левица.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*