Основото училиште “Стив Наумов” во соработка со Министерството за образование и наука, Здружението на граѓани “Охо”, Амбасада на Велика Британија во земјава, заеднички го реализираа проектот “Сите се еднакви”. Целта на проектот да се промовира меѓуетничка и меѓукултурна интеракција.
-Проектот опфаќа четири кампањи, денес беше промовирана првата кампања “Интерактивни спортски и забавни игри” кој стимулира тимска работа и фер игра – истакна директорката на ОУ “Стив Наумов”, Билјана Рахманова- Тасевска.
Министерот за образование, Абдилаќим Адеми истакна дека преку оваа кампања во голем дел се помага развојот на интегрираното образование.
-Во училиштето “Стив Наумов” учат 750 ученици од различни етнички заедници. Преку заедничко дружење децата учат за културните вредности на сите луѓе кои живеат во Република Македонија, и воедно учат да ги почитуваат сите сегменти на интегрираното општество- истакна министерот за образование Адеми.
Амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Едмунд Гарет кој цело време зборуваше на македонски јазик истакна дека со поддршката на проектот се промовира меѓуетничката и меѓукултурната комуникација и зближување на децата од основните училишта во Македонија.
-Проектот е всушност промоција на овие вредности. Многу е битно децата во различни средини да ги научат заедничките вредности, права, правила и одговорности. Неопходно е децата освен теоретски од книгите да учат едни од други, едни со други- истакна амбасадорот Гарет.
Градоначалникот на Битола, Владимир Талески рече дека проектот е исклучителен, а Битола со децении и векови наназад имаат сенс за заедничко живеење.
– Битола секогаш покажала дека знае да живее мултикултурно и мултинационално. Проектот се реализира на вистинско место, во училиште во Битола, каде ќе се потврди она што со векови битолчани го имале и генетски го поседувале- посочи градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.
Б.В.