Don't Miss
Home / Вести / Усвоен Извештајот за работата во минатата година

Усвоен Извештајот за работата во минатата година

На денешната седница на Извршниот одбор на Здружението за пензионери Битола под претседателство на претседателката Даница Петличкова беше едногласно усвоен Извештајот за работата на Здружението за ланската година и Годишниот финансиски извештај за 2021 година.

Претседателката Даница Пеличкова во своето излагање изнесе дека Здружението на пензионери Битола, активностите во изминатата година, ги реализираше во согласност со Програмата за работа ,Статутот и одредбите од Законот за здруженија и фондации. За жал некои од активностите не беа реализирани во целост, а некои беа редуцирани, како резултат на состојбата со пандемијата од Ковид-19, но сепак изрази задоволство од сработеното.

„Минатата година беше заменета кровната конструкција над канцелариите на пензионерите и салата за состаноци, која беше стара и прокиснуваше. Исто така, Здружението инвестираше во пензионерски клубови на месните ограноци во селата Кукуречани, Новаци и ,,Кочо Десано“ во Битола“, истакна Петличкова.

Средствата што останаа од нереализирани активности поради ковидот, беа пренаменети за потребите на пензионерите. Така, Здружението иницираше и реализира активност за давање на ваучери во парична вредност од 1000 денари за околу 1300 пензионери со најниски примања, пакети со прехрамбени производи по повод Велигденските празници и новогодишни пакетчиња на деца со попреченост во Основното училиште „Ѓорги Сугарев“ Битола.Во летниот период беа доделени околу 500 шишиња со ладна вода на пензионери и останати граѓани кои во редици чекаа пред банките, наплатните центри, поштата и други институции.

Поради пандемијата беа редуцирани поголем дел од програмираните активности од културно- забавниот живот и спортските активности. Од реализираните предвидени со програмата беше учеството на дел од членовите на пеачката група „Сирма Војвода“ на ,,Регионалната ревија на песни и игри“ во Прилеп и „Илинденски денови“ во Битола. Пензионери – спортисти настапија на Регионалните спортски игри во Прилеп, како и на Републичките спортски игри во Велес, каде што во трчање на 100 метри Битола освои златен медал.

Претседателот на Надзорниот одбор Мите Гегаровски повлече дека во 2021 година во материјално финансиското работење на Здружението , немало никакви злоупотреби и отстапки во согласност со законските прописи.

Во четврток во 12 часот е закажана седница на Собранието на Здружението на пензионери, каде ке се разгледуваат овие два документи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*