Don't Miss
Home / Колумни / Весник кој има само ден на раѓање

Весник кој има само ден на раѓање

       

Битолски весник во   саботата на 27 април, два дена порано поради изборите,  во храмот на битолската култура, Офицерскиот дом, го одбележа својот дијамантски јубилеј, 60 години  излегувањето на првиот број.

Иако е нескромно  јас да зборувам за моите  импресии за организацијата на јубилејот, сепак според сите присутни и гости, кои беа на свеченоста, јубилејот на Битолски весник беше организиран на извонредно  високо и како што ни напишаа некои на европско ниво.

Нас како организатори на јубилејот не радува фактот што на прославата присуствуваа  речиси сите функционери,  личности, претставници на компании и поединци на кои им упатвме покани, кои и покрај  обврските кои ги имаа со изборите најдоа време да не удостојат со своето присуство.

 На тој начин тие не ни искажаа почит само нас, кои  моментно сме ангажирани во Весникот, туку и на сите претходни генерации новинари, соработници  кои во изминатите 60 години се вложиле себеси во темелите на Битолски весник.

На тој начин тие го потврдија она што ние со години и децении  го кажуваме дека Битолски весник е весник на битолчани, без разлика на  која национална, верска, етнчка или политичка определба  припаѓа.

Затоа во оваа прилика  како прв човек на Весникот им искажувам една голема благодарност на сите кои беа на  свеченоста кои до последното место ја исполнија салата во Офицерскиот дом.

Битолски весник, кој во изминатиот период се потврдил и како добар организатор на разни свечености и манифестации и овој пат се потруди јубилејот да биде организиран на највисоко ниво, како што Весникот и заслужува.

Честитките кои ги добивме за време на јубилејот и подоцна во нашата редакција и на нашата мејл адреса, како и фејсбук страницата на Битолски весник се најдобра потврда дека во тоа сме успеале.

И овој пат како и во сите изминати  6 децении, ние кои моментно се грижиме за судбината на Весникот покажавме и докажавме дека  сето тоа го направивме со огромна љубов и посветеност, бидејќи Битолски весник, кој е  како што некои велат Македонски Пиреј тоа го заслужува.

Посебно не радува што за јубилејот пред присустните се претставивме со огромната изложба на сите 59 укоричени весници, во кои  беа поместени сите илјадници   написи напишани од новинарите на Битолски весник за изминатите 59 години.

Од понеделникот во богата  архива на Битолски весник, покрај  годишиниците е архивирана и првата свечена песна за Весникот, која за оваа  свечена прилика  специјално ја напиша битолскиот текстописец Валентин Соклевски, музиката Николче Мицевски,  а ја испеааја Сефедин Бајрамов, Трифун Костовски, Ирена Митревска – Димовска, Христијан Тоневски  и Тина Мицевска.

Но мене како прв човек на Битолски весник, кој својата кариера во Венсикот ја почна како голобрадо момче уште во далечната 1971 година, кога имав само 16 години       посебно ме радува  тоа што по изразите на  лицата  на луѓето  кои беа присути на јубилејот, забележавме дека сите тие  се  уверија дека Битолски весник е во сигурни раце и дека крајно  непримислени и погрешни беа мислењата на некои поранешни вработени во Весникот, дека без нив  Битолски весник ќе  згасни.

Напротив, со максимално ангажирање на сегашната екипа ние не само што го спасивме Битолски весник да не го снајде судбината на најголемиот број печатени медиуми во Македонија, туку следејќи ги современите трендови во медиумскиот простор покрај печатеното издание на Весникот го задржавме  и одржавме Радиото  Б 97, кое во последно време е вистинско освежување во медиумскиот простор во Битола,        имаме респектабилен портал, а  и дигитално издание на Битолски весник,кој се чита секаде во светот.

Со тоа покажавме и докажавме дека грижата за Весникот за нас е аманет,  од кој  никогаш не сме се откажале,

Не само ние врабтените во Весникот, туку и Општината Битола, а и сите наши децениски поддржувачи  помагатели   можат да се гордеат со Битолски весник, кој  опстана и остана верен на својата шест децениска традиција, да биде весник на битолчани, сведок и хроничар на градот.

Во изминатите 60 години во Битола згаснаа многу медиуми, фирми, компании, фабрики, институции, некои ги сменија своите сопственици и седиштата  ги пренесоа во други градови, но Битолски весник беше и остана на битолчани, да сведочи за историјата на градот.

За Битолски весник велат дека е колективна меморија на Битола. Иако можеби ќе звучи нескромно но ние Битолски весник го сакаме и чуваме со дела.

Нас во битката за неговото опстојување не води љубовта кон Весникот, која други  тешко можат да ја сфатат, особено  не оние   кои на првата пречка се сопнуваат, паѓаат и никако не успеваат да се подигнат.

         Ние не сме такви. Напротив  ние од Битолски весник секогаш останува(в)ме Простум, со мислата во иднината, притоа секогаш црпејќи снага и енергија од минатото и традицијата.

        Традицијата по која не препознаваат е наше мото во животот.        За нас нема предавање. Тој поим го нема ни во нашата свест, ни во нашата потсвест.

        Ние такво  нешто  не познаваме. Напротив по секоја  битка, или   сопка,  ние излегуваме уште посилни и поцврсти во  нашата определба да одиме напред.

        Никогаш не  сме си дозволиле за нашата судбина или иднина  некој друг да  одлучува.

        Ние уште од 1990 година, кога се распадна едноумието одлучивме да  го слушаме само нашиот глас  и тоа што ни го кажува нашето срце да бидеме сечии, но нечии.

        За таквата слобода ние одамна сме се избориле самите. Би било претенциозно ако кажам  дека во тоа сме успеале уште од самото формирање во 1964 година, но сигурен сум дека одлуката кога ја донесовме во 1990 година ние самите да си (из)бираме кој ќе биде на чело на Весникот, а не тоа во наше име да го прават политичарите и тие  да ни именуваат директори главни и одговорн уредници беше најдобриот потег што го повлековме и кој ни ја одреди судбината и иднината..

        И затоа многу тешко ни  паѓаа(т) некои совети од претходната општинска власт,  на некои самонаречени политички “експерти”, кои не советуваа(т) да го згасниме Весникот, затоа што наводно печатените медиуми немале перспектива.

 Таквите совети беа и доколу ги има во иднина се упатени на погрешна адреса.

Таквите совети или лекции,  како човек кој над 3 децении се грижи за судбината на Битолски весник јас одамна ги  отфрлив.

Но како човек кој е искусен, и одговорен и посветен на судбината  на Весникот, пред се на неговата иднина,  мислам дека е  време општината Битола по изборите да се заинтересира малку повеќе  за судбината на Весникот.

Јас, кој навлегов во седмата деценија од животот веќе подолго време  навреме укажувам дека  ние самите, без помош на општината, или локалните институции, фирми и компании,  не ќе можеме уште  кој знае колку време да се грижиме за нормалното и редовно излегување на Битолски весник.

Во моментот и покрај неколкуте понуди кои ги добивме не сме многу  убедени  Весникот да го продадеме, или дадеме на некој друг да се грижи за неговата судбина, затоа што  такви добронамерни луѓе проценуваме дека  нема.

Битолски весник бил и треба да остане Весник на Битола и на битолчани. Тој не смее да ја доживее судбината на Радио Битола  или другите комерцијални локални медиум, кои згаснаа.

        Во темелите на Битолски весник се вградиле голем број новинарски пера кои оставиле свој белег во одржувањето и опстојувањето на Весникот.

Но сега времињата се сменија. Сега владеат други односи не само во домашната туку и светската економија.

Битолски весник немал и нема намера да живее на  државни јасли.

Тој одамна работи комерцијално и на пазарни односи. Но без поголема поддршка на градот неговата судбина е неизвесна.

А неизвесноста не сакаме да не следи и натаму.

Веме е и градот да се запраша и заинтересира за судбината на најстариот локален печатен медиум во Македпнија, со кој,  по сето она  што го има направено и напишано во изминатите 60 години може да се гордее.

На тој пат мојата поддршка ќе ја има во секој момент.

Битолски весник е, и треба да биде како што рекоа некои за нашиот Ангел, Тоше Проевски, кој има само ден на раѓање.

За тоа дали ќе згасне не сакам ни на крај памет да размислувам.

Тој треба и мора сите да не надживее, за да остане нешто напишано за нас обичните смртници, бидејки тој беше, е, и треба да остане Весник на сите генерации, кои живеат и мислат да живеат во Битола, градот кој како што што рече во една прилика екс претседателот на Собранието и наш сограѓани, Љубиша Георгиевски е секогаш бел, како лебедот, кој никогаш не оцрнува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*