Don't Miss
Home / Колумни / Веце мистерија која траe

Веце мистерија која траe

Пишува:

д-р Јанко БАЧЕВ

Помина 28-ми април во уште едно потсетување, дека пред шеснаесет години од заседа кај Вејце ѕверски беа мачени и убиени осуммина македонски бранители во најкрвавиот и најбрутален масакар во поновата македонска историја.

Злосторството кај Вејце и понатаму останува мистерија, бидејќи ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со загинувањето на бранителите кај Вејце.

Според Информацијата на ДБК до тогашниот министер во МВР насловена како „Сознанија за громорозното убиство во с.Вејце-Тетовско”, заведен под ев.број 470 од 13 ноември 2001, детално се опишани учесниците во терористичката акција кај Вејце во која беа убиени и масакрирани осум македонски бранители, а споменатите лица како извршители останаа на слобода. Дури, некои од нив станаа и владини функционери камуфлирани во политичката партија ДУИ.

Неколку дена пред нападот, извршителите се подготвувале и вршеле обука во логор на Косово, во непосредна близина на нашата граница и нивна задача била да ја ликвидира живата сила од патролата и да ги уништи возилата и воената техника. Терористичката група на ОНА однапред го знаела движењето на патролата составена од македонските бранители кои настрадаа кај Вејце, односно, ги чекала во заседа македонските бранители после нивното тргнување на војнички задачи.

Патем, на прсти можат да се избројат македонските бранители кои за време на војната во 2001 година загинаа во директна борба со терористичката ОНА. Речиси сите седумдесетина убиени македонски бранители во 2001-та, загинаа во заседи, бидејќи албанските терористи претходно го знаеја правецот на нивното движење.

Во контекст на актуелните случувања, да спомнам дека според ДБК при МВР во заседата кај Вејце е замешан и Талат Џафери во неопходната логистика на извршителите за движењето на патролата составена од македонските бранители.

Што е поинтересно, освен за ДБК при МВР, работите за случајот Вејце беа познати и за тогашниот амбасадор на ОБСЕ во Македонија, Крег Џенес. Да потстетам, во тоа време, покрај Крег Џенес, на моќната четворка меѓународни претставници во нашата држава и припаѓа и тогашниот амбасадор на НАТО во Македонија, Николас Бигман, амбасадорот на САД, Лоренс Батлер, и амбасадорот на ЕУ, Донато Кјарини.

Кога тогашниот министер во МВР пројави желба да се расчисти случајот Вејце по судски пат, Крег Џенес експресно дојде во МВР за да упати директна закана, ако се преземе било што во тој момент против лицата од терористичката група, Македонија ќе биде обвинета за провоцирање нова војна во земјата.

Но, најинтересно во таа прилика е што Крег Џенес во МВР категорички ни изјави и вети дека веднаш по следните парламентарни избори во Македонија, тој лично ќе се заложи да се расчисти случајот Вејце, бидејќи и на нив им се познати извршителите. Но, следните избори кои беа на 15 септември 2002 одамна завршија, а до денешен ден овој случај сеуште нема официјална разрешница.

Значи, во моментот недостига само иницијатива.

Дотолку повеќе, изборите од 15 септември 2002 година кои Крег Џенес ги посочи како пречка привремено да не се расчистува случајот Вејце одамна се завршени. Дури, расчистувањето на случајот Вејце сега може да оди многу полесно, бидејќи и МВР и Крег Џенес (ОБСЕ) точно знаат што се случи кај Вејце, а верувам дека Џенес, со задоволство ќе прифати да сведочи.

За сега, едно е сигурно: Ниту кај СДСМ до 2006, ниту, пак, кај ВМРО-ДПМНЕ после 2006 кога дојде до промена на власта, нема интерес за вистината за сомнителните загинувања на македонските бранители.

Затоа, откако по промовирањето на владината програма на СДСМ на 10 март 2017, случаите Дива Населба, Сопот, Бродец… повторно ја брануваат јавноста со најавата на Заев за нивно преиспитување а за кои се заинтересирани од ДУИ со оглед дека немале верба во македонските судови, сосема оправдано е сега испитувањето на случаите за кои се заинтересирани и Македонија и Македонците како што се Вејце, Карпалак, Љуботенски пат… а во кој бранителите беа пратени во заседа и мораа да загинат во одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

Оттука, македонскиот народ очекува СДСМ да ја прошири и надгради својата програма со ветување дека ќе ги расчисти и случаите за кои се заинтересирани Македонците.

Поточно, пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, веднаш после разрешувањето на кризата, во име на македонскиот народ да се согласат Собранието да донесе политички документ (декларација или заклучоци) со кои ќе побараат расветлување на перфидното местење на македонските бранители во Татковинската војна во 2001 година. Ова од причина што, да се дојде најпосле до официјален одговор, како, од кого и зошто беа нарачани и договорени масакрите кај Вејце, Карпалак, Љуботенски пат… во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат.

Во краен случај, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само за семејствата и роднините на загинатите, туку и за Република Македонија, бидејќи не можеме да гледаме напред во иднината, доколку минатото и понатаму не прогонува, односно, контроверзната загуба на бранителите останува неразјаснета.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*