„Ве повикувам во сабота на 14 јули да прославиме заедно, владата подготвува прослави во 15 градови затоа што одиме напред.“ – изјави Зоран Заев, претседател на владата.
И додека прославата е подготвена, според списокот на владата музичарите одбрани, сметката за народот сеуште е непозната. Од владата велат дека наскоро кога ќе се утврдат сите детали за прославата ќе се соопштат сите информации за трошоците и организацијата на настанот. За опозицијата пак, место за славје нема.
„Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО. А нема затоа што имаме неспособна влада. Затоа и ќе продолжиме да протестираме и ве повикувам оваа недела во 13 часот во Кавадарци на протестен марш.“ – изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Честитка до граѓаните за поканата од НАТО, упати лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој вели дека тоа претставува исклучително големо и значајно постигнување во однос на сигурната иднина на нашата земја. Прославата за поканата за НАТО ќе се одржи во Скопје, Битола, Струмица, Струга, Охрид, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Куманово, Прилеп, Тетово и во Штип. Последна прослава за одредена меѓународна интеграција имаше на скопскиот плоштад во 2005 година, организирана од тогашната влада исто предводена од СДСМ, повод добивањето на кандидатскиот статус на државата.Според тогашните информации журката само на скопскиот плоштад чинела 100 илјади евра.