На денешната 48. традиционална Семакедонска средба во потпелистерското село Трново, во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“, за првпат не присуствуваше ниту еден претставник на локалната власт, а средбата ја бојкотираа и претставници на централната власт.
Но, бојкотот не спречи голем број битолчани и особено иселеници од европските и
прекуокеанските земји да присуствуваат на средбата.
Од средбата во Трново беше испратена заедничка порака дека без разлика на тоа што со договорот во Нивици, Република Македонија го промени името во Република Северна Македонија, Македонија била и ќе остане Македонија.
– Македонија е како феникс. Македонците се пиреј. Низ своето вековно постоење, Македонецот постојано бил поробуван. Ги преживеал Римјаните, Османлиите, делбите со Букурешкиот договор, но и покрај се Македонија останала и опстанала – рече во своето обраќање до присутните, претседателот на Матицата на иселениците, Иван Џо Петревски.
Тој истакна и дека оној што не го почитува своето минато не може да се надева на светла иднина.
– Кој не си го почитува своето минато, не може да се надева на светла иднина. Македонија не е парче хартија. “Кројачите“ на македонската нација и држава треба да научат дека Македонија е срцето и душата на македонскиот народ – додаде Иван Џо Петревски.
На средбата во Трново архимандритот Никодим Царкњас упати критики кон
потписниците на Преспанскиот договор којшто според него нема долго да
преживее,
бидејќи најголемиот број од Македонците, не само во Македонија туку и ширум светот
истиот не го прифаќаат. Тој притоа истакна дека Македонија никогаш нема да биде
Северна, туку ќе остане само Македонија.
На средбата се обрати и претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров
којшто во нему препознатлив стил истакна дека на референдумот во 1991 година,
македонскиот народ се изјаснил за единственото име на државата без додавки и
придавки, Македонија и дека никој нема право тоа име да го менува, а на
потписниците на Преспанскиот договор и пратениците во Парламентот кои
гласаа за промена на името им порача дека, еден ден кога ќе се промени
централната власт, сите тие ќе бидат осудени на доживотни казни затвор и
ќе им биде конфискуван имотот.
На 48. Семакедонска средба по завршување на официјалниот дел се разлеа македонската песна и оро, а за забавата се погрижи КУД “Гоце Делчев“ и интерпретаторот Ванчо Тарабунов