Home / Колумни / Во корист на сопствената штета

Во корист на сопствената штета

               

        Деновиве топ тема во политичките партии во Битола и локалната самоуправа е дали Општината  ќе  изгуби  400.000 евра, европски пари, кои  првично беа наменети за реконструкција на објектот “Парк”, или куќата на Европа, како што ја викаат, а подоцна со анекс договор беа пренаменети за изградба на велосипедски патеки.

        Новото неформално мнозинство, кое веќе неколку месеци го сочинуваат партиите на СДСМ и Поианку, па повремено и Левица, како и на претходната и на последната седница на Советот ја симна точката од дневен ред за преманена на европските пари  за изградба на велосипедски патеки.

        Додека од локалната власт и партијата на ВМРО ДПМНЕ тврдат дека доколку не се изгласа анекс договорот, со кој наместо реконструкција на објектот “Парк” се предвидува изградба на велосипедски патеки, канцеларијата на ЕУ ќе ги повлече средствата во износ од 400.000 евра, од СДСМ и Поинаку се на мислење дека средствата од ЕУ да се искористат за тоа што првично беа наменети, односно за реконструкција на објектот “Парк”, а со средства од буџетот на општината да се изградат велосипедските патеки.

        И во ситуација кога во локалната самоуправа веќе подолго време  се води дијалог на глуви,  барем засега како што стојат работите тешко е да се предвиди како ќе се одвиваат работите.

        Засега не се знае точно и тоа дали доколку Советот не го изгласа анексот на договорот, Битола ќе ги изгуби парите и дека тие ќе се вратат во касата на ЕУ.

        За таквите свои заклучоци тие се повикуваат на изјави од канцеларијата на ЕУ во Скопје.

        Притоа намерно или не се заборава дека таков ултиматум немаше  ни од евроамбасадарот Дејвид Гир за време на  неговата  медијаторска посета на Советот на   Битола.

        Напротив, тој тогаш потврди дека е договорено да се потпише анекс на првичниот договор доколку Битола даде зелено светло за изградба на велосипедски патеки, по примерот на Струмица и други градови и дека тој проект се потврдил како доста успешен и е дел од зелената агенда на ЕУ.

-Ова сепак е одлука која што вие како советници треба да ја донесете, а не јас и јас  не дојдов во Битола да вперувам прст и да ви кажувам што да правите. Она што се случи со европскиот проект “Смарт фор ју ту” е дека според нашите сознанија, оригиналниот предлог проект и проценката за буџетот што е потребен за комплетирање на целиот проект беше толку висока, што Канцеларијата на градоначалникот на Битола сметаше дека не е возможно да се продолжи со толкав буџет поради зголемените трошоци за градежни материјали. И дури потоа се отвори дискусијата за можноста да се направат велосипедски патеки и тука се предложи да се направи анекс на почетниот договор. Во принцип се договоривме дека тој анекс договор ќе се потпише доколку тоа е она што Битола го посакува. Ние ќе се согласиме, а дали велосипедските патеки се потребни, морам да нагласам дека Советот треба да ја донесе одлуката, не можеме ние да ви го кажеме тоа, ние можеме само да пружиме поддршка доколку како Совет ја побарате, но  понатаму вие како Совет мора да ја донесете одлуката за кофинансирање. Таа одлука мора Советот на Битола да ја донесе, им порача тогаш на средбата  на битолските советници евроамбасадорот Дејвид Гир.

        Следејќи ги расправи(и)те не само на советниците, туку и на  битолските политичри, кај мене само по себе ми се наметнува прашањето зошто Битола се најде во ваква, најблаго речено непријатна  ситуација, и дали овој проблем можеше да се избегни и  без помош на “Поинаку”, поинаку да се реши.

        Лично мислам дека можеше, доколку при донесувањето на одлуката   средствата на ЕУ наменети за реконструкција на “Парк” да се пренаменат беа координирани со сите советници и политички партии и после опсежни стручни и пред се издржани дискусии и расправи(и)  заеднички беше договорено што да се гради со тие средства.

        Иако во изминатите  години Битола благодарение на (по)грешните локални  политики  изгубила многу не само пари, сепак би било навистина  премногу голем луксуз Битола да ги изгуби  и тие 400.000 евра од ЕУ.

        Токму заради погрешните најчесто плиткоумни  политики Битола како град изгуби не 400.000 евра колку што е донацијата на ЕУ, туку  десетици милиони евра заради (не)реализација на бројни неиздржани и нереализирани проекти.

        Би ми требало премногу простор да ги набројам сите планирани, изготвени и скапо платени  “топ “проекти “кои и беа понудени на битолската јавност  и кои воопшто не беа  рализирани, а за тоа не сносеше никој никаква одговорност.

        Битола е единствен град не само кај нас, туку и пошироко, кој   се откажа  од над 1 милион евра, пари на Швајцарците, наменети за проектите на Националниот парк Пелистер, поради што Швајцарците си замнаа од Битола.

        За таквите коцкарски и самобендисани плиткоумни политики и одлуки  никој не сносеше одговорност.

Битола е единствен град кој  наместо од продажбата на земјиштето  во Касарната да го наполни буџетот на Општината, мораше  да подигнува кредит од Светска банка да направи некоја улица, за да не биде тужена од инвеститорите.

        Според некои информации Битола над 6 милиони евра  од продажбата на парцелите во Касарната ги фрли за урбанистичко  уредување на ИЗ “Жабени” каде се најавуваше изградба на педесетина фабрики, а се изгради само една.

        Битола  мошне скапо ги плати  и “проектите “  за изградба на затворени базени, филмски студија, подземни и катни  гаражи, детски градинки, голф терени, аеродроме, аква паркови…

        Битола е единствен град кој откако им ги продаде градежните парцели во #Златниот рид “ на 44 свои  (со)граѓани и по 11 години да не им создаде услова за градба.

          Во Битола стана правило  како сопствените  проекти  им се нудат на граѓаните, како да се нивни, изгласани наводно на форумските сесии.

        Но од таквите инстант и промашени  политики, очигледно е дека локалните власти не извлекоа некакви поуки.

        Тие и натаму се обидуваат  своите или партиските желби и проекти да се прикажуваат како желби и барања на граѓаните.

         Случајот со (пре)намената на средствата за реконструкција на објектот “Парк” треба да биде не само последен пример како битолските политичари не треба да се однесуваат во практикувањето на  локалната власт.

        Но тој  не смее да биде платен со  губење на парите  од ЕУ, затоа што 400.000 евра не се пари за фрлање.

        Затоа токму на овој случај  нужно потребно е да се надминат политичките суети и   партиите и советниците  да се договорат за што да се искористат  тие средства и со една таква консензуална одлука да излезат пред  граѓаните и евроамбасадорот Дејвид Гир.

        Во спротивно секоја поинаква одлука Битола скапо ќе ја плати.

        Во тој случај Битола, по кој знае  кој пат уште еднаш ќе работи во  корист  на сопствената штета.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*