Во врска јубилејот на Битолски весник првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски во честитката изјави:
-Битолски весник, според мене, е еден од белезите на Битола. Помлад од Градскиот часовик, постар од РЕК “Битола”, Битолски весник еве веќе 56 години ги забележува на своите страници сите настани што низ времето оставиле трага во секојдневното живеење на Битола.
За нас битолчани е привилегија да го имаме најстариот локален весник не само во градот, туку и во земјава.
И како стопанственик, и како политичар, и како спортски работник, а сега и како генерален директор на АД ЕСМ, Битолски весник секоја среда е на моето работно биро. Особено сум горд што заедно со Весникот оживеавме со децении стара традиција која беше замрена до пред две години и го вративме подлистокот посветен на РЕК Битола.
Следен наш заеднички предизвик е дигитализација на сите изданија на Битолски весник.
Верувам дека и таа замисла ќе ни успее, како што Битолски весник успева жилаво да опстане во сите прилики и неприлики.
На сите вработени што се и што биле дел од Битолски весник им ја честитам 56-годишнината од излегувањето на првиот број. Им благодарам што секој со својот ангажман, во определен период, дале придонес во живеењето на Битолски весник. Според годините, Битолски весник е средовечен. Јас му посакувам да биде вечен.