Како одговорни политичари, во дадениот момент имаме обврска да им овозможиме на граѓаните на Република Македонија да го остварат демократското право и да добијат шанса да го дадат своето мислење во однос на договорот за решението на спорот за името, истакнал премиерот Зоран Заев на денешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
На средбата Заев му го предаде на Мицкоски договорот за решавање на спорот со името постигнат со грчкиот колега Алексис Ципрас.
– Повеќе од 25 години, колку што е активен овој спор, граѓаните немаа прилика да видат ниту решение, ниту да се изјаснат, рекол премиерот на средбата, соопшти владината прес – служба.
Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ, истакнал Заев на средбата и како што се наведува, јасно посочувајќи му на Мицкоски дека и тие како опозиција треба да овозможат фер шанса последниот збор да го кажат граѓаните на референдум.
– Референдумот е консензус меѓу ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ како најголеми политички субјекти во Македонија со години наназад и сите заедно треба да се заложиме граѓаните сами да одлучат за својата иднина и никој нема право да ги спречува во тоа, рекол премиерот Заев.
Во соопштението се посочува дека Заев на средбата упатил порака дека политичките субјекти треба да се обединат околу идејата за референдум и заради националните приоритети на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ.