Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) отвора солидарен фонд за колегата Томислав Кежаровски. Сите новинари и граѓани кои сакаат, можат да уплатат одредена сума пари на жиро-сметка во Комерцијална банка.
Банерот со деталните информации околу оваа акција ЗНМ веќе го изготви и веднаш ќе го дистрибуира до сите медиуми и преку социјалните мрежи.
– Овие две години Кежаровски помина низ пекол. Ни крив, ни должен беше во притвор што остави длабоки последици врз него и неговото семејство. Сега му е најпотребна нашата помош. Затоа покренуваме акција за солидарност која ќе трае еден месец, рече денеска на прес-конференција претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со најновата одлука на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 за условен отпуст на Кежаровски, Селмани нагласи дека ваквото решение се уште не пристигнало до правниот застапник на ЗНМ.
– Откако ќе го добиеме, ќе го разгледаме, ќе изградиме став и ќе го соопштиме, рече Селмани.
Тој апелира до новинарите да ги пријавуваат во ЗНМ евентуалните притисоци што се вршата врз нив.