Нехумани услови, пренатрупаност, корупција, недостаток на персонал, разурнати одделенија на кои им е потребна целосна реконструкција, не обезбедување на лекови се само дел од аномалиите на најголемиот затвор во Македонија. Затворската полиција е оставена без возила, откако единственото комбе кое државата го оставила на затворската полиција во Идризово се расипало, па биле приморани затворениците да ги превезуваат со приватни возила.
„Јас се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и социјалниот аспект воопшто на лица кои што се осудени и и здржуваат казни. Еден дел од тоа што го сугерираат луѓето практичари овде, луѓето кои што работат овде, но и луѓето кои што ги контролираат самите институции… Огромен сегмент треба да се сруши дури не е ниту за реконструкција. Еден дел може да се обнови, да се доведе во достоинствени услови“, вели Зоран Заев – премиер на Р.М.
Во моментов има 1.850 затвореници, 1.000 повеќе од предвидениот број на затвореници. Поради лошата храната во затворот, тие најчесто храна добиваат од најблиските кои им доаѓаат на посета. Иако претходната Влада земала кредит за реновирање на затворот, приоритет било реновирање на административната зграда. Од 2014 година до сега се изградени единствено објектите во отворено и полуотворено одделение и пречистителна станица. Од добиените 46 милиони евра, за реновирањето се потрошени 15 милиони. Освен ова, во низата предложенни решенија, премиерот Заев го наведе и законот за амнестија, за кој се надева дека побрзо ќе се најде на владина, а потоа и на собраниска седница.
Народниот правобранител Иџет Мемети истакна дека за проблемите во затворите зборувал веќе 10 години, но никој не преземал конкретни чекори за подобрување на истите.
„Верувам дека новата власт реално ќе пристапи кон решавање на овој проблем, а не со носење на акциски планови. Проблемот затворски систем во Македонија не се само условите“, вели Иџет Мемети.
Менаџирањето на затворите во Македонија не смее да биде повеќе политичка одлука реагираше извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.
„Проблематично е што и понатаму се продолжува со поставување на луѓе, партиски луѓе, на функции како што е на пример затворот Идризово. Еднаш засекогаш треба да сфатиме дека со оваа деликатна категорија на луѓе не можат да се справат луѓе дојдени, кои што работеле во јавно претпријатие за шуми“, вели Уранија Пировска.
Но, во затворите немаат проблем само затворениците, лоши услови има и затворската полиција, алармираше синдикатот на затворската полиција.
„Имаме потреба од комбиња, имавме само едно комбе на 2.000 осуденици што и тоа е во дефект. Униформи немаме добиено последните десетина години. Буквално да кажам се молиме кај колегите од МВР да ни дадат некоја износена кошула, панталони за да можеме да изгледаме пристојно“, вели Антонио Стојчевски – синдикатот на затворската полиција и администрација при КПД Удризово.
Досега, ниту една институција не реагирала на условите во кои тие работат, а иако имаат бенефициран стаж како полицијата, вработените во затворската полиција одат во пензија 7 години подоцна од припадниците на МВР.