Редакцијата на „Битолски весник“ свечено го обележа јубилејот 55 години од основањето и излегувањето на неговиот прв број.
Редакцијата на „Битолски весник“ од 1964 година до денес отпечатила 2.815 броеви на весникот без ниту еден ден прекин во издавањето, нагласи Менде Младеновски, директор на „Битолски весник“.
-За „Битолски весник“ велат дека е Светилник на македонското новинарство, сведок и хроничар на градот, но и колективна меморија на Битола. На сите читатели им благодарам за поддршката, никогаш нема да ги изневериме нивните очекувања и секоја среда и понатаму ќе го имаат Весникот во своите раце – рече Младеновски и додаде дека „Битолски весник“ ќе опстои во медиумскиот простор.
На свечената академија се обрати и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која од редакцијата на „Битолски весник“ беше наградена со златна плакета.
– Сите што се вложиле во „Битолски весник“ се луѓе на кои треба длабоко да им се поклониме, особено на оние по 90-тите кога целосно се промени концептот на финансирање на медиумите. „Битолски весник“ е жив весник кој што твори и создава за сите битолчани. Ова е момент за мотив повеќе – рече градоначалничката Петровска.
Во име на Здружението на новинари на Македонија, јубилејот на „Битолски весник“ го честита регионалниот координатор Жанета Здравковска.
– Новинарството цел живот е маратон кој успеваат да го истрчаат само оние кои што се најупорни, новинарите кои не скршнуваат од професионалните стандарди нити од професионализмот. Во овој период кога се намалува бројот на весници во државата, а се зголемува бројот на медиуми на социјалните мрежи, слободно можам да речам дека несушна е потребата од опстанок на весниците – нагласи Здравковска.
Свечената академија „55 години Битолски весник“ заврши со концерт на наставници и ученици од Средното Музичко училиште во Битола.