.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Колумни / Честитки кои обврзуваат

Честитки кои обврзуваат

                

Денешниот ден, кога  оваа колумна ќе можат читателите  да ја читаат не е само јубилеен, туку е и посебен за Битолски весник.

Судбината сакаше овој пат работите  целосно да се поклопат. На денешен ден, 29 април 1964 година излезе првиот број на Битолски весник.

Оттогаш, цели 56 години, Битолски весник секоја среда, непрекинато  другарува со битолчани.

Изминатите денови, во пресрет на јубилејот, добивме безброј честитки за нашиот роденден.

Ни пандемијата, ни полициските часови не ги спречија нашите читатели и поддржувачи да ни го честитаат јубилејот.

За тоа што е Битолски весник, деновиве во анкетите што ги правевме, се изјаснија голем број наши читатели, општественици, политичари, стопанственици… наши поддржувачи и колеги новинари.

“Битолски весник е бренд на Битола! Првиот буквар на градот, Весник кој ја испишува историјата на Битола, неуморен сведок и хроничар на Битола, Светилник на битолското и македонското новинарство, стожер на новинарството во Битола, новинарска школа за битолчани…

Тоа се само дел од епитетите кои беа искажани за Битолски весник, од кои некои ги објавуваме во денешниот број.

Иако во изминатите неколку децении постојано сум ги слушал ваквите комплименти и пофалби, сепак последните  некако кај мене лично предизвикаа доста позитивни емоции.

Сите тие комплименти убеден сум дека не само  кај мене, туку побудија позитивни емоции и кај сите оние кои сега се ангажирани околу редовното излегување  на Битолски весник.

Нивната радост посебно ме радува, затоа што како и јас пред точно 49 години, ( во далечната 1971 година)  кога го  објавив мојот прв напис во Весникот, така и тие се “заразија “  од печатарската боја на Битолски весник.

А старите новинари  рекле, тој кој  еднаш ќе ја помириса печатарската боја, никогаш нема да се ослободи од нејзината “пандемиска зараза “ и да го напушти печатеното новинарство.

Кај мене таа “ зараза “ трае веќе цели пет децении и за среќа сеуште не сум ја прележал.

Иако да се работи во еден весник, осоебно во вакви  недифинирани “пазарни “ услови и во услови на дигитализација, кога што би рекол еден мој пријател секоја будала, која што има “паметен телефон” и интернет, стана новинар,  уредник и сопственик на “медиум” е многу тешко, сепак среќен сум што мојата “зараза” за Весникот им ја пренесов на тие кои сега се ангажирани околу неговата подготовка.

Честитките кои ги добивме по повод јубилејот искрен да бидам радуваат, но  и обврзуваат. Деновиве си врват, а за нас ангажираните во Битолски весник средите, кога треба да се испечати новиот број брзо доаѓаат.

Покрај тоа што е потребно да се најдат материјали за објавување, потребно е да се најдат и средства за да се плати печатењето на бројот, зашто во новите услови на “пазарна економија” важи правилото прво плати  за печатницата, па да го испечатиш Весникот.За другите трошоци кои го следат излегувањето на секој број, да не зборуваме.

 Битолски весник веќе над 30 години, откако е на самофинасирање  навикнал на ваквите проблеми.

Во Битолски весник старо правило е за се може да нема пари, но за печатницата да се плати мора да има или да се најдат.

Токому тоа правило го одржа Весникот сите овие 56 години.

И затоа  Весникот  опстои.

 Овој пат за проблемите на Битолски весник немам намера да трошам ни време ни простор. Тие се многу пати досега кажани.

Битолската јавност добро ги знае. Убеден сум дека добро ги знаат и тие кои се прават дека не ги знаат. Тоа што загрижува е што сето тоа некои од нив воопшто не ги загрижува.

Битолски весник сите овие 56 години опстојува благодарение на нашите верни читатели, но и децениски  поддржувачи и спонзори, кои одамна сфатија дека без нивна помош Весникот не може да опстои.

Благодарение на нивната, дали општествена, или лична одговорност Весникот опстојува. Но за жал од година во година бројот на одговорните  е се помал, а епидемиски расте бројот на (општествено) неодговорните, кои за се имаат разбирање и пари, само не за медиумите, а  во таа смисла и за Битолски весник.

Нивната не само општествена, туку и лична неодговорност е тоа што најмногу ме загрижува.

На таквото однесување сведоци сме и сега, кога во ек е пандемијата со корона вирусот и кога голем број институции, фирми, компании, бизнисмени прво ги скратија  средствата за медиумите.

Иронијата да биде (по)голема сите тие во изјавите токму на медиумите  ја уверуваат јавноста  дека покрај здравствените работниици, медиумите се на првата линија во борбата со пандемијата и заслужуваат не само почит, туку и помош.

Но тоа е тоа.

Битолски весник навикнал на таквите однесувања и за среќа на своите читатели, со вакцината што ја прими уште на 29 април 1964 година, доби таков имунитет со кој  56 години  му прекоси на предизвиците со кои се соочува и редовно  излегува, но не за инает, како што вели нашиот карикатурист Блаже Докуле, туку  од љубов, за тие кои не сакаат и почитуваат.

А за наша среќа, а за жал на другите  во Битола и Македонија такви сеуште има.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*