Don't Miss
Home / Uncategorized / Груевски бара уште 20 бодигардови

Груевски бара уште 20 бодигардови

Поранешниот премиер Никола Груевски бара од МВР најмалку 20 лични обезбедувачи – дознава ТВ 24.

Според нашите информации, екс премиерот го поднел барањето на петти месецов, а во него навел дека добивал бројни закани во изминатиот временски период. Освен заканите, Груевски навел и дека во моментов, но и во иднина ќе има исклучително интензивен политички ангажман во својство на пратеник, па поради тоа бара министерот да му одобри најмалку 20 лични обезбедувачи.

Министерството за внатрешни работи денеска остана недостапно за коментар. Оттаму ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата.

Нашите извори брифираат дека Груевски никогаш не пријавил во полиција дека добивал закани што е еден од клучните фактори, зошто екс премиерот би добил дополнително обезбедување.

Како што дознаваме, Груевски и по заминувањето од премиерската функција користел повеќе од 20 телохранители, иако за тоа немал дозвола од надлежен министер. Со доаѓањето на Оливер Спасовски на чело на МВР, Груевски останал со шест обезбедувачи, како што налага законот.  За споредба, додека ја извршувал премиерската функција, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ користел 78 лични обезбедувачи.

Проценката за постоење ризик треба да ја направи УБК, а потоа министерот да одобри. Освен дилемата дали навистина постои опасност по животот на Груевски, се наметнува и прашањето, колку дополнителното обезбедување за него, би го чинело министерството за внатрешни работи.

Личните обезбедувачи доаѓаат од шестата управа, а за нив е предвидена плата 45 отсто повисока од редовната. Доколку му бидат доделени повеќе обезбедувачи, местата кои тие ќе ги остават празни, МВР ќе мора да ги пополни со нови луѓе, што дополнително би удрило по буџетот на министерството.

Никола Груевски е единствениот македонски премиер кој по престанокот на функцијата побарал дополнително обезбедување. Инаку, сите негови претходници користеле по тројца обезбедувачи колку што тогаш предвидувал законот и тоа само една година по престанокот на функцијата.

Со законските измени од 2013, екс премиерот доби право на 6 обезбедувачи, возило и шофер, онолку долго колку што бил на функцијата. Тоа би значело дека Никола Груевски и во наредните 10 години ќе го оптеретува буџетот на министерството за внатрешни работи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*