Не запираат критиките упатени на адреса на македонското судство кое се посочува како одговорно за бегството на Горан Грујевски и на Никола Бошковски. Двајцата, едниот како поранешен началник во петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање, другиот како негов подреден, веќе подолго од 48 часа се недостапни за македонските органи. Полицијата распиша и меѓународна потерница, па по нив трага и Интерпол.
Адвокати, поранешни судии, граѓански здруженија и политички партии побараа лична, морална, па и кривична одговорност од, како што го нарекуваат, сваровски судството бидејќи како резултат, прво на дадената шанса притворот да се одложи до потврдување на одлуката од повисок суд, а потоа и со ненавременото доставување на налогот за апсење, двајцата обвинети од СЈО наместо во затворот во Шутка, се кријат на слобода.
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски во изјава за Плусинфо вели дека една од основните надлежности на телото е да извршат контрола и најави дека од понеделник ќе ја испитаат ситуацијата.
– Во рамките на нашата работа, една од основните надлежности на советот е контролата на судовите. Имаме можност да ги земеме предметите да видиме дали имало пропусти. Ние ќе извршиме контрола, но не можеме да поведеме постапка, тоа е под надлежност на Советот за утврдување на факти и одговорност – вели Караџовски.
За ситуацијата што притворот се одлагаше до потврдување на решението од Врховен суд, вели дека мора да се земат предвид одредбите во Законот за кривична постапка (ЗКП), но коментира оти според него постојат аномалии во самиот законот за што треба одговор да се бара и од неговите творци. Вели, не може да одговараат судии за нешто, ако е во рамки на законските одредби.
Во еден член од ЗКП стои дека правото на жалба не го одлага извршувањето на мерката притвор, но во друг член се наведува дека тоа е така ако не е пропишано поинаку со друг закон. Во случајот со Грујевски и на Бошковски, апелациските судии во решенијата потенцираа дека притворот стапува на сила по правосилноста на одлуката, која пак, се добива откако за тоа ќе истече рокот на жалби и ќе се изјасни повисокиот суд (во случајот Врховен).
Меѓутоа ваквото одложување, децидни се дел од адвокатите и обвинителите, е исклучок и не било пракса до сега. Односно не се одлагал притвор со судските решенија. Најчесто, по определување на притвор, велат, буквално осомничените или обвинетите од судница се носеле во затвор. Спорд познавачите, тоа се двојните аршини што ги користи судството кон предметите и обвинетите од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).