На пациентите од денеска нема да им треба син картон за преглед или за подигнување лек во аптека. Потребна им е единствено електронска здравствена картичка, без оглед дали и е истечен рокот или здравствена книшка, или лична карта, патна исправа, само за да се провери дали се здравствено осигурени. Ако е осигуран пациентот ќе ги добие сите здравствени услуги.
Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека воопшто нема да има сини картони, и додаде дека размислуваат за многу подобро идејно решение. Веќе идната недела, потенцира, ќе имаат средба со министрите за внатрешни работи и за информатичко општество и администрација заедно со директорите на ФЗОМ за да се најде најдоброто и најрационалното решение за сите граѓани.
-Со старата книшка, со старата картичка, со лична карта може да се провери дали осигуреникот е осигуран. Ако е осигуран, се може да земе. Секаква здравствена услуга може да добие. Ако сте осигурани, само со вашите лични карти, или само со пасош, одете каде што се даваат здравствени услуги и ќе ги добиете“, истакна Таравари.
Министерот за здравство додаде дека тие не се виновни за тоа што старите картички имале рок на важење. Како што изјави Таравари, за ова е виновен тој што во 2012 нарачал картички со важност на чипот до 5 години, иако можел да побара да има неограничена важност.
Од Фондот за здравство велат дека не испратиле никаков допис до аптеките да издаваат лекови врз основа на сини картони, ниту пак тие дале наредба да почнат да се делат истите.
„Ние не сме испратиле никаков допис до аптеките за подигнување на лекови со сини картони. Дел од аптеките сами постапиле така. За ова ќе биде побарана одговорност и ќе се види кој ја започнал целата ситуација“, вели директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани.