Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го одби како неосновано барањето на Никола Груевски, обвинет од Специјалното јавно обвинителство, за укинување на мерките на претпазливост, вклучувајќи ги и одземените патни исправи. Во барањето, Груевски навел дека пасошот му треба за службени патувања, надвор од земјата.
„Мерката на претпазливост, Привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница и мерката, Привремено одземање на дипломатска патна исправа – Остануваат на сила“, соопшти Судот.
Пасошот на Груевски му беше одземен на 3 јули со одлука на Основниот суд Скопје 1 на барање на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник“, а мерката на претпазливост ја потврди Апелациониот суд на 23 јули.