Деновиве како на времето, во 1936 година, кога битолчани со доброволни акции го градеа планинарскиот дом Копанки, планинарите на ПСК Пелистер, со доброволни акции и донации на граѓани, почнаа со обновата на планинарскиот дом Копанки.
Речиси секој викенд десетици планинари и вљубеници во планината доброволно се искачуваат на Пелистер и помагаат да се обнови домот.
И покрај тоа што општината Битола и Владата на Република Македонија, поточно премиерот Зоран Заев покажаа добра волја и желба со буџетски пари да го обноват и реконструираат домот, сепак до договор со ПСК Пелистер не дојде и планинарите на своја рака од неодамна почнаа со неговата реконструкција.
Со почетокот на работите се покажа дека во изминатиот период и раководството на ПСК Пелистер и општината Битола воделе дијалог на глуви, а кога се води таков дијалог, најчесто решение нема.
Планинарите останаа упорни во својата одлука да не го остапат домот на Општината, а општината Битола пак и натаму смета дека без домот да и биде остапен во нејзино владение тие не можат да издвојуваат буџетски средства за негова реконструкција.
Повикувајќи се на законските прописи или на статутарните одлуки и општината Битола и ПСК Пелистер не успеаја да најдат заеднички јазик за заедничка изградба на домот, кој се до пред 5 години, кога до темел изгоре, беше гордост на битолчани и место каде се собираа сите планинари не само од Битола и државата, туку и од голем број земји во светот.
И наместо почетокот на градежните работи за обнова на Копанки да ги радува сите вистински љубители на Пелистер, сепак случајот со обновата на домот Копанки покажува дека како и во многу други случаи, така и во случајот со Копанки има (пре)многу политика и дека некои луѓе не можејќи да се ослободат од своите суети едноставно не сакаа(т) да се изнајде заедничко решение.
Во ситуација кога од пред извесно време сме соочени со активности за смена на Уставот, се со цел да се реши спорот со Грција околу името, луѓето од ПСК Пелистер и од локалната самоуправа не најдоа ни време ни начин да седнат и заеднички да се договорат како да го реновираат домот Копанки.
Тоа што посебно иритира, кога станува збор за обновата на Копанки е што во сите изминати години од неговото опожарување домот беше и сеуште е предмет на разни политички манипулации и пресметки.
Истиот момент кога се запали домот претходната локална власт на чело со Талески вети негово експресно реновирање, дури и изгрдаба на нов хотел на ситото место во модерен стил.
За таа намена беше изработен и проект, но од тоа не видовме ништо.
Кога стануваше збор за обнова на домот Копанки на секоја седница на која се расправаше за буџетот, или негов ребаланс, се нудеа амандмани за издвојување на средства за обнова на Копанки.
Но таквите предлози кои тогаш најчесто доаѓаат од опозицијата беа по правило одбивани.
За време на изборите од страна на кандидатите за пратеници, или носители на листи се нудеа милионски суми евра за обнова на Копанки.
Тоа време дури и ПСК Пелистер на прес конференција излезе со ветување дека штом го добијат Одобрението за легализација на домот тие веднаш би почнал со реновирање, бидејќи не само што имаат изработено проект за тоа, туку имаат собрано и доволни пари.
И така цели 5 години, пред секои избори се ветуваше реновирање и обнова на Копанки.
Тогаш никој не противречеше со какви пари ќе се обновува Копанки, буџетски, или приватни.
Тогаш едноставно сите со полна уста зборуваа дека Копанки, кој е симбол на Битола мора час поскоро да се реновира.
И за жал од тоа не видовме ништо. Од големите ветувања не се случи ништо.
Копанки и натаму е само руина, која деновиве со акција на планинарите се расчистува.
Иако можеби многумина нема да се согласат со тоа сепак лично мислам дека во реновирањето на домот Копанки има доста политика.
Раководството на ПСК Пелистер во кое главно членуваат членови на опозицијата не сакаат да попуштат пред барањето на локалната самоуправа да го остапат домот, Општината истиот да го реновира со буџетски пари.
Општината пак не сака ни да слушне без да им биде остапен домот да издвојува средства за негово реновирање.
Сите на одреден начин настојувајќи да се заштитат, криејќи се зад законските прописи или Статутот на друштвото си го присвојуваат домот.
Никој не сака да мрдне со прст да се најде заедничко и компромисно решение.
Во таква ситуација јавноста се информира исклучиво со штури соопштенија и статуси на социјалните мрежи.
Дека во овој случај има и доста политика најдобра потврда е што деновиве со иницијатива за преиспитување на приватизацијата на домот Копнаки се јави и скијачкиот клуб Пелистер, кој тврди дека има право а сопственост на домот. Со своја реакција се јави и пратеникот на ЛДП Горан Милевски кој застана во одбрана на скијачкиот клуб Пелистер и градоначалничката Петровска.
На крајот за љубителите на планината и планинарите најмалку е битно кој ќе го обнови, или реновира Копанки. Тоа што ги мачи е колку со ваквите доброволни акции и хуманитарни донации ќе трае реновирањето на домот и дали тие ќе мораат да чекаат со години или децении истиот да се изгради.
Тие стравуават да не се случи нешто како со Соборниот храм кој се гради неколку децении, а сеуште завршувањето на храмот не е на повидок.