Денеска во РЕК „Битола“ повторно на заедничка маса се најдоа заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, првите луѓе на Комбинатот како и преставници на невладините организации, кои во фокусот на вниманието на своите активности го имаат чистиот воздух и здравата животна средина.
По средбата која се одржа зад затворени врати беше направен пресек за досегашните активности на Министерството за животна средина и просторно планирање и Комбинатот на РЕК „Битола“ за намалување на загадувањата како и исполнувањето услови за добивање на А интегрирана еколошка дозвола.
Подоцна во изјава за медиумите беше соопштено дека во Министерството за животна средина и просторно планирање привршува изработката на драфт верзијата за А интегрираната еколошка дозвола за РЕК „Битола”, информира заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, кој како што изјави, очекува документот наскоро да биде пратен до Комбинатот, по што тимови од двете страни треба да го финализираат текстот и РЕК „Битола” да ја добие дозволата во очи подготовката на инвестиционата програма за следната година.
– Јас сум особено срекен што средбата се случува на ден кога треба да биде избран изведувач на работи за прскање со вода и адитиви на пепелта што се одлага. Се работи за проект за кој се предвидени околу 20 милиони денари и кој драстично треба да ги намали последиците од запрашувањето околу РЕК „Битола“, особено во ветровити денови. Кога сме кај пепелта, раководството на Комбинатот со задоволство
може да ја информира јавноста дека по подолго време застој заради недостиг на механизација или лошо менаџирање со механизацијата која ја имаше на располагање, непокриената површина на одлагалиштето со пепел е намалена за 6 пати, односно од над 30.000 метри квадратни, сега таа изнесува околу 5.000 метри квадратни. Паралелно со овие активности, во тек е и проект за изградба на насип околу одлагалиштето – т.н. касета, со кој средината околу РЕК „Битола“ дополнително ќе биде заштитена од влијанија” – рече директорот на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски.