Обвинителката во Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи денеска изјави дека СЈО продолжува со застапување на предметите во судница без разлика што на нивната шефица Катица Јанева вчера и е одредена мерка притвор за случајот „Рекет“.
– Она што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот, мора да одговара, дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во нашата држава и дека едноставно никој не е недопирлив. Меѓутоа од друга страна, индивидуалната кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор односно оправдување да се заборави целокупниот криминал што беше направен во нашата држава во последниот период и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продожуваме со она што е наша работа – застапување на предметите во судница, изјави Фетаи пред денешното ново рочиште за предметот „Монструм“.
Вчера по налог на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција беше приведена и притоврена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за злоупотребила службената положба и овластувањата со што се стекнала со лична користа.