Министерството за животна средина и просторно планирање попладне соопшти дека по информациите објавени од Инспекторатот на Град Скопје за несоодветно третирање на медицинскиот отпад побаран е вонреден инспекциски надзор во компанијата „Еко клуб” од Битола.
За наодите од надзорот, како што се наведува во соопштението, јавноста ќе биде дополнително известена.
– Министерството за животна средина и просторно планирање, дознавајќи од медиумите за одржаната прес-конференција на Инспекторатот на Градот Скопје каде беа изнесени нивни сознанија од извршен увид во работењето на компанијата Еко Клуб ДООЕЛ Битола, веднаш изврши увид во издадените дозволи за вршење третман на медицински отпад и воспостави контакт со Државниот инспекторат за животна средина за дополнителни информации во однос на спроведените надзори. Од ДИЖС известија дека последниот надзор на терен над правното лице бил извршен на 12 декември 2019 година каде со Записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. По денешното сознание, на барање на Министерството, ДИЖС во моментов е на вонреден увид на локацијата повторно, а за наодите од истиот јавноста ќе биде благовремено информирана, се вели во соопштението.
Министерството ги повика сите институции, на централно и локално ниво, на директна соработка со цел навремено да се реагира и да се заштити животната средина и здравјето на граѓаните.0