Don't Miss
Home / Колумни / Избори со задршка

Избори со задршка

                            

          Денеска, кога читателите на Битолски весник ќе го имаат овој број во своите раце, пратениците во Собранието треба да донесат значајна одлука за народот, а тешка за себе, за распуштање на Парламентот.

          Иако одлуката за распуштање на Собранието на 12 февруари  и распишување на предвремени парламентарни избори за 12 април беше донесена  уште минатата година, по средбата кај претседателот Стево Пендаровски, сепак, во моментот кога  ја  пишувам оваа колумна, сеуште не се знае(ше) точно дали Парламентот ќе се распушти  денеска, на 12 февруари или изборите ќе се одложат.

          Причината за тоа е што екс премиерот и актуелен лидер на СДСМ, Зоран Заев  ја најави можноста дека доколку не се донесе законот за јавно обвинителство можно е да се пролонгира распуштањето на Парламентот на 12 февруари.

          Според Заев (не)донесувањето на Законот за јавно обвинителство може да ги наљути европјаните  и тие повторно да ни стават рампа за  (не)добивање  датум за преговори за ЕУ.

           Во таква ситуација лидерот на СДСМ, Зоран Заев со можноста за пролонгирање на изборите се обиде да ги (раз)убеди пратениците на ВМРО ДПМНЕ да гласаат за Законот за јавно обвинителство, зашто во спротивно тие ќе бидат виновни за закочувањето на процесот за нашите евроинтеграции.

          Свесен дека Мицкоски нема  да се согласи да помине во Парламентот   Законот  кој  тој го предлага, Заев ги почна активностите за  обезбедување на двотретинско мнозинство, кое  како и при уставните промени, поврзани со смената на името на државата,  така и овој пат , ги вклучува  “независните “пратеници на ВМРО ДПМНЕ, предводени од триото Камчевска, Авировиќ, Мукоски.

          Како ќе заврши сега пазарењето со нив останува да се види.

          Но како што стојат  работите тоа нема да биде така лесно како минатата година.

          Причина за ваквиот скептицизам е тоа што “осумтемина” на кои тогаш им се закануваа долгодишни робии, сега, кога се амнестирани за кривичните дела, за кои беа осомничени, не се во иста ситуација и сега се слободни граѓани.

          А колкава е  нивната “грижа” за интересите на државата, јавноста добро знае, кога тие беа на власт и во тајфата на Никола Груевски и кога безмилосно го пљачкаа овој народ и кога водени пред се од личните, а  не од државните интереси, глумејќи големи  патриоти, гласаа за смена на Уставното име.

          Како сега ќе се постават  Елизабета Мамчевска- Милевска, Муковски, Авировиќ и останатите “независни “ пратениц останува да покаже времето.

          На Македонија повторно и се случува Пржино .

           Пред нешто повеќе од три години, по силните протести и успехот на т.н. “Шарена револуција”  Груевски  во Пржино мораше да се согласи за формирање на СЈО и изборот на Катица Јанева за специјален јавен обвинител, со неограничени овластувања.

          Сега, изборот на јавен обвинител и донесување на Законот за Обвинтелство, повторно треба да ја одреди судбината на државата и нејзините натамошни  евроинтеграции.

          Разликата сега е во тоа што наместо формирање на ново СЈО, повторно се враќаме  кон утврдување на надлежностите на обвинтеството за организиран кримнал, кое  само до пред три години  од јавноста и пред се од  опозицијата   беше оценето како неспособно, корумпирано, партизрано, непрофесионално, поткупливо, лукреативно.

          Во изминатиот период Македонија како држава  исполнила многу услови за да  ги продолжи своите евроинтеграции.

          Но сеќавањето покажува дека и по исполнувањето на бројните услови  Македонија е таму каде што беше, во чекалната за добивање датум за почеток на преговорите.

            Ако пред три години бевме убедувани дека само доколку се формира СЈО Македонија може да се надева на продолжување на своите евроинтеграции, сега  добивањето на датум за почеток на преговорите за ЕУ  се условува со донесување на Закон за обвинителство, во кое прва “виолина “ќе биде Вилма Рускоска, која тогаш беше дел од тоа корумпирано и неспособно обвинителство.          Доколку  беше такво какво што сега ни се продава сегашното  Обвинтелство, во Макеоднија  немаше да се случат толку многу криминали на кои тие сите изминати години ако не беа соучесници, тогаш  беа неми свеодци на нашето пропаѓање.

          Денеска кога  треба да се распушти македонскиот Парламент, сите пратеници, или политички лидери треба да се обединат околу само едно нешто. Тоа е сите тие со својот глас  да придонесат да се распушти сегашниот парламент, за да на 12 април во Македонија се одржат предвремените парламентарни избори. Јавноста во Македонија е веќе уморна од политичките пазарења.

          Оваа држава и овој народ веќе не заслужуваат поигрување со нивните чувства.

          Изборите за новиот парламент  се закажани за 12 април и  за да се одржат истите во предвидениот датум, денеска треба пратениците да се самораспуштат.  Тоа е најмалата услуга што треба да ја направат  тие за овој народ, кој со својот глас ги вдоми нив во пратеничките клупи, од каде најголемиот број од нив своите високи лични примања ги  наплатуваа исклучиво само заради нивната партиска послушност или молчеливост.

          На Македонија и  треба нов состав на Парламентот, во кој ќе влезат нови лица, со нови идеи, лица кои наместо за  партиските директиви ќе се залагаат и борат за барањата на народот,  со чиј глас станале пратеници.

          На ниту една политичка партија не му е во корист одложување на изборите.

          Македонија  дали со стариот, или новиот Закон за Обвинителство ќе мора уште долго време да се бори за искоренување на криминалот, кој е навлезен во сите пори на државата.

Колумната може да ја прочитате во следниот број на Битолски весник, кој ќе излези на 12 февруари

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*