Семејство од Битола кое на 14 март се вратиле од Италија доби предлог за казнен налог за непочитување на здравствени прописи за време на епидемија. Пет члена од семејството, според ОЈО Битола, сториле кривично дело и не го почитувале решението за домашна изолација од 14 дена. Тие вчера излегле пред нивниот дом и вербално и физички ги нападнале соседите.
-На обвинетите им била определена мерка за спроведување на задолжителна домашна изолација во траење од 14 дена по нивното пристигнување од Република Италија. Тие биле должни согласно издадените решенија од надлежните органи во периодот од 14 март 2020 година до 27 март 2020 година да бидат во домашна изолација и да не го напуштаат своето престојувалиште во Битола. На 18 март 2020 година, околу 12 часот, излегле од својот дом на улицата пред семејната куќа, вербално се расправале со соседите, по што двајца од обвинетите физички ги нападнале соседите и им нанеле телесни повреди. Со овие дејствија сите обвинети не постапиле по донесените прописи за време на пандемија-епидемија од глобални размери со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на епидемијата на заразната болест предизвикана од коронавирус -COVID 19, се наведува во соопштението.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола го поднесе предлог за издавање казнен налог, со кој на Основниот суд Битола предложи на обвинетите да им изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.