Пандемијата со корона вирусот која го падна светот на колена и која буквално, без никаква пресуда го стави човештвото во “домашен притвор” колку и да ја мразиме за загубите што ни ги нанесе, ни ги отвори очите за многу работи.
Сега, кога сите ние најголемиот дeл од денот го поминуваме дома и кога сите сме свртени кон нашите молитви и медитирања за како да преживееме, мислам дека сфативме колку е човештвото беспомошно во битката со природата.
Штетите од пандемијата, кои допрва треба да се пресметаат, уште од сега може да се каже дека се немерливи и ненадоместливи, кои се мерат со илјадници милјарди долари, или евра загуби и илјадници изгубени животи,
Од пандемијата со корона вирусот, овој пат за разлика од порано, кога светот се бореше со другите пандемии и епидемии, почнувајки од тифусот, шпанската треска, колерата, птичјиот и свинскиот грип…не настрадаа толку многу сиромашните земји и народи, туку буквално најбогатите: САД, Германија, Велика Британија,Италија, Франција, Шведска, Шпанија…
Пандемијата со корона вирусот деновиве успеа во тоа што ниту најголемите светски политичари и медијатори не успеаја да го направат.
Токму корона вирусот деновиве го натераа претседателот на САД, Доналд Трамп да побара помош од Русија во маски и друга медицинска опрема.
Иако санкциите на САД спрема Русија сеуште траат, Трамп истите ги прекрши и крена телефон да побара помош од Путин.
Корона вирусот откако претходно до крајна мера ги замрзна односите на САД и Кина успеа подоцна да го примораат Трамп да побара помош од Си Џи Пинг.
Откако земјите во ЕУ ставија ембарго за извоз на било каква медицинска опрема и ја оставија Италија и Шпанија самите да се снаоѓаат како да се справат со корона вирусот, тие европски земји наместо од Брисел или Берлин побараа помош од Кина и Русија.
Кога сфати дека нема ништо од (не)очекуваната помош од моќниот Запад кон истокот се свртија и останатите земји од Европа и светот.
Маката ги принуди секој да се снаоѓа како знае и умее и битката за медицинска опрема и респиратори да се води во светот по непишаните правила на колумбиската мафија, каде според зборовите на српскиот претседател Аелксандар Вучиќ единсвениот начин на плаќање е кешот.
Токму корона вирусот деновиве ги забрза процесите и за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
Во ситуација кога сите земји во Европа се борат со пандемијата и ги пребројуваат мртвите, Македонија без никакви свечености, надвор од фокусот на домашната и светската јавност беше примена во НАТО, а доби и покана да ги почне преговорите за влез во ЕУ.
Таквите одлуки на европските дипломати воопшто не предизвикаа еуфорија не само кај обичниот народ, кој е преокупиран со своето биолошко опстојување, туку и кај најголемите поддржувачи на македонските евроинтеграции.
Иронијата да биде (по)голема успехот од зачленувањето во НАТО од добивањето позитивна одлука за почеток на преговорите не можеа да си го честитаат со стиснување рака, или бакнеж, ни министрите од Владата на техничкиот премиер Оливер Спасовски, кои тој свечен чин го следеа преку малите екрани на телевизија.
Македонија доби покана за преговори за ЕУ, во моментот кога секоја членка на ЕУ се затвори во своите граници и кога преќутно го укина шенгенот.
Во ова време невреме сведоци сме и на други состојби кои хроничарите ќе ги паметат.
Корона вирусот и кризата која не погоди од заразата, ги натера политичарите, почнувајки од претседателот на државата Пендаровски и премиерот Спасовски, па се до обичните советници во локалните самоуправи да донесат одлука да земаат минимална плата, што е класична демагогија.
Во моментот кога политичарите најмногу работаат, тие своите примања ги сведоа на минмалец.
Тоа што паѓа в очи е што тие од ваквата мерка ја исклучија администрацијата, која како и пред кризата, така и за време на кризата најмногу одмараше и седеше дома.
Но се покажа дека кај нас ниту една власт, без разлика која , не смее да чепне по администрацијата, која сите ја гледаат како гласачка машинерија.
Иако сите политички партии, особено кога се во опозиција најмногу ја критикуваат гломазната, непрофесионалната и партизирана администрација, ниту една власт не сака да се откаже од неа.Па дури ни сега, во оваа криза.
Математиките се провидни и сосема јасни. Пандемијата ќе помине, ќе дојдат изборите, а според политичките “математичари” администрацијата е таа која е најдобрата гласачка машинерија.
Иако најчесто не е така, сепак доколку е така, тогаш Македонија можеби ќе ја “прележи” пандемијата, но никогаш нема да се спаси од хроничната зараза од која е инфицирана од (преку)бројната администрација, која никако не смее да ги почуствува последиците од било каква криза, па ни од корона вирусот, кога државата мора да се задолжува со милјади евра за да “преживее”.
Без разлика кој ќако ќе сфати, сепак мислам дека лицемерна демагогија е претседателот на државата, премиерот или министрите да бидат помалку платен од еден државен службеник, па макар и еден ден.
Со такви демагогии не само што нема да ја “прележиме” пандемијата туку убеден сум дека ќе заболиме од демагошка пандемија од која никогаш и никако нема да се излечиме.
Колумната читателите на Битолски весник ќе можат да ја прочитаат во печатеното издание на Битолски весник, кој ќе излези на 8 април