Донација од САД, која се состои од заштитна медицинска опрема за борба против коронавирусот, примија денеска вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, во присуство на американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.
– Еве нè денес на лице место каде се предава дел од онаа поголема најавена поддршка од над еден милион долари. Се работи за различна заштитна облека – маски, одела итн., кои се наменети за лекарите, за епидемиолозите и останатите здравствени работници. Оваа опрема им се става на располагање на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, на кои секако им е најпотребна, имајќи предвид дека опремата ќе ја користат медицинските лица кои се првата одбрана на земјата од епидемијата – истакна Османи, кој воедно изрази и благодарност до САД и до амбасадорката.
Министерот за здравство, Венко Филипче, заблагодарувајќи се за донацијата, за која истакна дека во овие моменти е неопходна за справувањето со коронавирусот во земјава, истакна дека истата значајно ќе им помогне на здравствените работници при извршувањето на работните обврски.