Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев кои вчера беа во посета на Куманово, во моментов одат во домашна изолација.
Како што информираат од владината-прес служба, оваа одлука следува по информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски е позитивен на Ковид-19, а кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово, на кои присуствуваа и владините функционери.
Се додава дека присутните на кризниот штаб ги почитувале протоколите за заштита и носеле заштитна опрема.
– Во овој момент се прават епидемиолошки проценки во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација. Во Скопје започнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување – се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека Владата е подготвена за сите сценарија во врска со пандемијата, вклучително и за ваква ситуација.
– Работата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци. И во услови на изолација продолжува редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата – се наведува во соопштението.