Случајот со пациентот од Психијатриската болница од Демир Хисар, кој ја заинтересира битолската и пошироката јавност ќе го испитува санитарниот здравсвен инспекторат, кој треба да испита дали при третманот на пациентот се почитувале протоколите.
Ова го соопшти министерот за здравство, Венко Филипче на вечерашната прес конференција.
Овој случај ја преокупира јавноста откако претходно докторот на интерното одделение при Клиничката болница во Битола, Боби Трајковски на својот фејсбук профил јавно му се обрати на министерот за здравство, Венко Филипче, дека на ова одделние дури 4 дена ги очекувале резултатите од тестирањето на еден пациент, кој подоцна се покажал како позитивен, денеска со својата реакција се јавија од Клиничката боница.
Демантирајќи и осудувајќи ги информациите кои излегоа на социјалните мрежи директорката на Клиничката болница, Билјана Гагачовска, на прес конференција изјави дека случајот има политичка позадина и најави поднесување на кривична пријава против тие кои шират лажни вести и паника.
– Жално и срамно е да се собираат политички поени врз грбот на здравствените работници кои во овој момент пожртвувано работаат и затоа сакам да дадам целосна слика во врска со хоспитализиран пациент и за кој синоќа добивме потврда дека е позитивен на Ковид-19.
Пациентот кој се водеше во дневна болницата во Психијатриската болница во Демир Хисар, бил примен на Клиничката болница во Битола на 10 април. При влезот во болницата кај пациентот не беше регистрирана зголемена телесна температура и првично беше хоспитализиран во психијатриското одделение заради згрченост на мускулите, а по извршен лекарски преглед и анализи, пациентот заради сложената здравствена состојба беше префрлен во Интерното одделение и во посебно изолирана болничка соба. Контакт со пациентот имаа само еден лекар, четири медицински сестри и еден болничар.
Од пациентот на 11 април беше земен тест за проверка, а доцна синоќа стигна резултат дека пациентот е позитивен на Ковид-19.
Откако ги добивме резултатите од тестирањето од синоќа пациентот е во Инфективното одделение при Клиничката болница-Битола и е во добра општа здравствена состојба, изјави Гагачовска.