Во понеделникот, во Новаци се одржа завршната средба на двајцата градоначалници на Новаци, Лазар Котевски и градот Алмопиа од соседна Грција, Димитрис Бинос.
На средбата, на која зедоа учество партнерите од двете општини, беше направена рекапитулација за досегашните активности за реализацијата на овој проект, тежок околу 500.000 евра, кој завршува за два месеци.
-Со проектот “ Жива историја, жива природа” кој Општина Новаци го реализира со Општина Алмопиа, во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка, во Новаци е реставрирана куќата на Калеш Анѓа во с. Старавина, мостот и воденицата во с. Зовиќ и црквата Св. Димитрија во с.Градешница. До крајот на месецот треба да заврши и обележувањето на природната, историска и комбинирана патека од двете страни на границата, по чија должина ќе бидат уредени и неколку излетнички места, истакна градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски, кој притоа нагласи дека двете општини, Новаци и Алмопиа наскоро со европски пари ќе реализираат и друг заеднички проект кој ќе трае 15 месеци, во кој период ќе бидат реализирани и други проекти од културно историското наследство на Новаци, особено во Мариовскиот крај.
Градоначалникот на Алмопиа, Димитрис Бинос го искажа своето задоволство од досегашните реализирани активности на овој проект.
Тој притоа нагласи дека проектот” Жива историја,жива природа” покрај тоа што придонесе тие подобро да се запознаат и меѓусебно да се зближат, многу ќе придонесе за реализација на значајни проекти од културно историското наследство на двете општини.
Градоначалникот Бинас нагласи дека завршните активности од реализацијата на овој проект ќе се одржат во декември оваа година во Алмопиа, кога ќе бидат сумирани сите реализирани активности од овој проект од ИПА програмата за прекугранична соработка.
Б.В.