Здравството претставува еден од клучните столбови на државата. Обезбедувањето подобри услови во болницата со цел поквалитетна услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници се едни од приоритетите во работењето на Ротари заедницата. Со донации во здравствените установи и инвестиции во сите сегменти на здравството, може да се зборува за градење на одржлив и квалитетен здравствен систем за сите граѓани. Но, приоритетот за донации во здравството се наоѓа на врвот на листата и на Македонската амбасада во Виена, Австрија. Заедничката визија да се обезбедат подобри услови за пациентите во Битола и Ресен резултираше со донација на болнички кревети и перници.
Македонската амбасада во Виена, Австрија во соработка со Ротари Клубот Битола и Ротари Клубот Битола Широк Сокак, заеднички реализираа донација на 50 болнички кревети за потребите на ЈЗУ Клиничка Болница Др. Трифун Пановски- Битола и Здравствен дом- Ресен. Покрај, болничките кревети, донацијата вклучува и перници за Инфективното одделение COVID центарот во Клиничка болница Битола.
Донација од ваков тип не е прва за битолската болница од страна на Ротари Клубовите. Бројните донации за битолската болница ја покажуваат посветеноста и грижата за здравјето на своите граѓани. Несомнено е дека ваквата практика ќе продолжи понатаму. Основниот мотив за овој тип на донација е подобрување на условите во битолската болница и унапредување на здравјето на пациентите.
Соработката со Македонската амбасада во Виена, Австрија, соработката со Ротари Клубовите од Битола, уште еднаш го потврдува фактот дека соработката на членовите е во насока да се постигне целта, заедницата да стане подобро место за живеење. Ваквиот пристап го потврдува следењето на Ротари мисијата: “Service Above Self”.